Скопските комунални екипи лани собрале 158 476 тони отпад

Во текот на минатата година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје собрале и транспортирале 158 476 тони комунален отпад, што е за 3,07%, или 4713 тони повеќе во споредба со 2019 година.

Во нивниот извештај за работата во 2020 година, наведуваат дека за да спречат ширење на коронавирусот, од март лани, секојдневно се спроведувало машинско миење со автоцистерни и дезинфекција на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење и дезинфекција на најфреквентните јавни површини меѓу кои: улицата „Македонија“, централниот плоштад „Македонија“, Камениот мост, мостот „Гоце Делчев“, Старата скопска чаршија, детски игралишта, како и целокупниот простор на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје ги спомнаа и акциите за генерално чистење на сите скопски општини, како и расчистување на двете страни на кејот на реката Вардар, каде што беа поставени 120 нови корпи наменети за одлагање ситни отпадоци.

„На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци, екипите на ЈПКХС отстранија над 9000м3 отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти. Количеството отпад што ЈПКХС го отстранува од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува, така што во текот на 2019 година беа расчистени 8721м3, во 2018 година 5144м3, додека во 2017 година само 835м3 отпад од диви депонии“, стои во извештајот на скопското претпријатие.

Во јуни, пак, на барање на жителите на градот Скопје, ЈПКХС воведе новини кај  услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад. Па така, граѓаните коишто имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да нарачаат екипите на ЈПКХС со специјални возила да го преземат и да го транспортираат кабастиот отпад од нивните домови. Воедно, ЈПКХС продолжи да им ја нуди можноста на граѓаните што имаат обезбедено сопствен превоз, бесплатно да го одложат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште, секој ден во неделата, во терминот од 07 до 19 часот.

Покрај ова, во текот на 2020 година, на 100 локации во речиси сите скопски општини ЈПКХС биле постави околу 200 нови садови за одлагање на комуналниот отпад со зафатнина од 3,2м3, а поставени биле и 500 нови корпи наменети за одлагање ситни отпадоци.

„Во овој период, од страна на непознати сторители, беа опожарени вкупно 70 контејнери наменети за одлагање комунален отпад, од коишто 10 нови садови со зафатнина од 3,2м3. Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје“, информираат од ЈПКХС.

Еко-патролата на ЈПКХС изготвила 1194 информативно-едукативни записници што им биле врачени на граѓаните и на правните субјекти коишто биле затекнати при неправилно одложување отпад, односно прекршување на Законот за јавна чистота. По врачувањето на записниците, сторителите отстраниле приближно 802м3 неправилно одложен отпад од јавните површини.

Лани, започна да функционира и новo Одделение за грижа на корисниците, а се овозможи и електронска достава на фактурите и онлајн-плаќање на сметките.

Одделението за грижа за корисници на ЈПКХС функционира од понеделник до петок, во терминот од 07 до 19 часот, а корисниците имаат можност сите информации да ги добијат и по електронски пат, на е-адресата: grizazakorisnici@khigiena.com.mk. Сите потребни обрасци што се однесуваат на барањата на корисниците се објавени и на веб-страницата: www.khigiena.com.mk.

 

 

 

За годинава, од ЈПКХС најавија набавка на 47 нови специјални комунални возила – метларки, автоцистерни и возила наменети за собирање и транспорт на комуналниот отпад, но и обновување на возниот парк и механоопременоста на претпријатието.