Скопје и Куманово ангажираат асистенти за ученици со посебни образовни потреби и за лица со телесна попречености

За прв пат, во рамки на програмата за општинско-корисна работа, Град Скопје ќе ангажира 10 образовни асистенти во 9 средни училишта во Скопје кои ќе работат со ученици со посебни образовни потреби или ученици со интелектуална попреченост.

Исто така,  5 персонални асистенти за лицата со телесна попреченост и 5 негуватели на стари лица, што е новина, велат од Градот, и претставува надополнување и унапредување на квалитетот на постојните услуги кои веќе се реализираат на локално ниво.

Лицата кои ќе бидат работно ангажирани ќе припаѓаат  на некоја од ранливите категории на население, вклучувајќи ги и корисниците на социјална помош. За таа цел, Градот Скопје во соработка со УНДП и Агенцијата за вработување, распиша јавен оглас за вклучување на овие лица во Програмата.

„Преку стручното оспособување и практичното искуство со кои ќе се стекнат лицата кои работно ќе се ангажираат ќе овозможиме тие полесно да се вклучат на пазарот на трудот, а истовремено ќе придонесеме во олеснување на секојдневните пречки со кои се соочуваат лицата со посебни образовни потреби и интелектуална попреченост во средните училишта, лицата со телесна попреченост како и старите лица на кои им е потребна нега. Град Скопје има цел да овозможи еднакви услови за живот за сите граѓани. Социјалната инклузија е неопходна за да градиме општество без дискриминација, со еднакви права и можности. Затоа поддржуваме и реализираме активности преку кои придонесуваме за социјалниот аспект во живеењето во нашиот град“, кажа Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.

Дополнително, покрај финансискиот надоместок, Градот Скопје ќе обезбеди и бесплатно користење на јавниот градски превоз или користење велосипеди, согласно со  интересот од секое ангажирано лице.

Истовремено и во Куманово се ангажираат десет персонални асистенти се ангажирани за помош и поддршка на лица со тешка телесна и најтешка индивидуалност и слепи лица. Во проектот, освен установата како провајдери вклучени се и општинската организација на Црвениот Крст и невладината организација „Инклузива“.

„Асистентите поминаа обука, добија лиценци и се стекнаа со знаења како да понудат поддршка, помош при извршување на секојдневните обврски на лицата, помош во извршувањето на личните и домашните активности, при образованието, работата, со цел полесна инклузија во секојдневието“, изјави директорката на кумановскиот Центар за социјални работи, Александра Арсовска.

Проектот ќе се реализира тековно во зависност од заинтересираноста и потребите на лицата со инвалидитет и попреченост. Ангажираните асистенти поминуваат половина работно време со лицата или 80 работни часа месечно за што добиваат паричен надоместок.

Долгорочно, идејата е обучените персонални аистенти да го пренесат искуството на останатите заинтересирани за оваа дејност во државата.

Проектот започна со реализација од први август годинава во седум општини од државата.