СЈО продолжува со работа: Бројот на предистражни постапки постојано расте

Специјалното јавно обвинителство не ги прекинува истражните и предистражните постапки. Во моментов, СЈО води седум истражни постапки за 60 лица, а бројот на предистражните постапки е во континуиран пораст, соопшти портпаролката на СЈО Ленче Ристоска, на денешната прес-конференција.

Голем дел од предистражните постапки се фокусирани на финансиски истраги за кои треба определен временски период за да може да се извлечат заклучоци. Целта, како што рече Ристоска, е да се покаже дека криминалот не се исплати и оние кои го прекршиле законот нема да одговараат само кривично, туку ќе има и материјална казна, односно имотната корист која ја добиле преку криминални дејност ќе им биде одземена.

„Нашето постапување е неселективно, ние постапуваме согласно Уставот и законите, третирајќи ги сите лица еднакво“, нагласи Ристоска.

Таа посочи дека дел од аболираните кои се осомничени во случаите што ги покрена СЈО побарале запирање на постапките, но Обвинителството продолжува со истрагата.

Во однос на одлуката за аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, Ристоска рече дека очекуваат претседателот да ги исполни своите уставни обврски и дека ќе овозможи реализација на павдата.

„Нашиот став, како што веќе беше искажано, е ова да не биде предмет на селективен пристап и предмет на какви било ограничувања, бидејќи правдата не смее да има селективен пристап и не смее да се задскрива вистината. Ние се уште го очекуваме одговорот од претседателот Иванов за тоа од каде тој има информации за осомничени лица во наши тајни предистражни постапки“, рече Ристоска, нагласувајќи дека досега упатиле две барања, едно кон крајот на април и второто на почетокот на мај.