„Системот убива – ние молчиме“ порачаа учесниците во „Маршот на ангелите“

Во молк, без транспаренти и со фотографии од починатите деца, родителите и семејствата на починатите во пожарот во импровизираниот клуб „Пулс“ вчера во Кочани го оддржаа седмиот „Марш за ангелите“.

Маршутата на маршот беше од Паркот на Револуцијата, низ Трговскиот центар, потоа учесниците кратко запреа кај зградата на Општина Кочани и полициската станица, а потоа стигнаа пред Основниот суд и обвинителството.

Единствената јавна порака, испишана на хартија што се појави во средината на поворката беше „Системот убива – ние молчиме“, што го карактеризираше и вчерашниот протестен марш.

„Нашиот молк е гласот на оние што трагично заминаа во огнот. Молк што зборува повеќе од илјада зборови, ама нема да трае вечно како вашето судење“, беше гласната порака што ја упатија родителите пред Судот во Кочани.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе одат во Обвинителството за да изложат свои забелешки и докази, родителите рекоа дека истражните органи сами треба да го приираат доказниот материјал и досега не биле повикани, но ако некој им се јави подготвени се да дадат искази.

На протестниот марш имаше забелешка од дел од семејствата за присуството на претставници од политички партии, при што нагласија дека не сакаат никаква политичка позадина на нивните собири на кои само бараат неселективна правда за починатите.