Синдикати во Србија ги овластија новинарите да го прашуваат Вучиќ во нивно име

Здружените синдикати на Србија „Слога“, направија писмено овластување за новинарите дека во јавноста можат да ги застапуваат работниците и нивните интереси пред државните функционери.

Ова доаѓа по контроверзната пресконференција во Ниш, на српскиот премиер Александар Вучиќ, кој откако беше запрашан за неисплатените плати на работниците, побара од новинарите да му покажат „хартија“ дека тие се претставници на работниците.

„Го овластуваме новинарот/ката (празно место за име) да може во јавност да ги застапува интересите на работниците во Србија, така што ќе може на претседателот на Владата на Србија, министрите и сите државни функционери да поставува прашања во врска со неисплатени плати, стечаи, плаќања доприноси, како и сите други прашања од работниот однос, а на кои тие упорно се обидуваат да избегнат одговор со замена на тези“, гласи текстот на документот кој на заинтересираните новинари ќе им го даваат Здружените синдикати.

Примерок од овластувањето

Однесувањето на премиерот Вучиќ кон новинарите, Здружените синдикати „Слога“ го оценуваат како непримерно и како отворена цензура.