„Планетата забрзано се уништува а владите низ светот рапидно запаѓаат во фашистички практики. Војните се зачестуваат, а корупцијата зема се поголем замав. Класните разлики се сè поголеми и општественото уредување од доцен капитализам постепено навлегува во глобален техно феудализам. Надежта ја губиме, а светот се повеќе наликува на сценарио од најмрачната дистописка книга“.
Вака започнува најавата за настанот „Киберпанк – надежта е револуција – како да преживееш апокалипса“ во организација на Јапан@мк, кој ќе започне вечерва во 19:30 со цртање на графит во живо пред влезот на базата во „Лабораториум“, а има за цел „да ја симулира мрачната реалност која ќе ја освести нашата позиција како мнозинство“.
Според организаторите, во оваа позиција имаме само два избори: да останеме робови зависни од техно-феудалните лордови кои ги поседуваат нашите податоци, нè продаваат како стока на корпорациите, а тие повратно нè таргетираат како консумери и учесници во нивното систематско уништување; или да сме отпор.
„Отпор може да бидеме на различни начини, а првото нешто е да се едуцираме и да се разбудиме. На настанот посетителите со својата карта ќе станат дел од базата на отпорот и преку скевинџер хант и зададени мисии на 7 хабови ќе можат да научат повеќе како да се организираат, како да преживеат апокаликпса и како да се спротивстават и дадат отпор на системот кој нѐ угнетува сите“, велат од Јапан@мк.
Хедлајнер за доловување на целата атмосфера ќе биде американскиот продуцент и диџеј Зеросам (Zerosum) кој прави музика токму инспирирана од апокалиптичните киберпанк аниме филмови и серии како „Евангелие на неонската генеза“, „Дух во школка“, „Гандам“ и т.н. Локална поддршка ќе добие од младиот диџеј Нул (Null), и уште помладиот изведувач на мрачна трап музика Ласт (LV$T), а атмосферата ќе ја загрее диџеј мартиАн со даркуејв киберпанк нумери.
„Секој хаб крие пораки, мисии и делчиња од поголема приказна. Ониe што ќе ја завршат мисијата – ќе ја отклучат финалната порака на револуцијата“, истакнуваат организаторите.
Хабовите:
Хекерски – дешифрирај ги кодовите.
Антиконсумеристички – одбиј ја хиперпродукцијата.
Био – преживеј во рушевини.
Антинадгледувачки – исчезни од радарот.
Уметнички – креативен отпор.
Активистички – поврзи се и делувај.
Медицински – грижа за менталното и телесното здравје.
„Ова не е само журка. Ова е симулација на можен свет. Целосно потопувачко искуство, аудио-визуелна експлозија, и вистински чекор кон градење заедништво и револуција во време на дигитален мрак“, нагласуваат од Јапан@мк.
Како што додаваат оттаму, настанoт е наменет за сите кои се вечни бунтовници и сакаат заедница на солидарност и почитување. За сите кои не сакаат да живеат во свет на поделби и уништување.
„Само надежта може да нѐ здружи, само надежта може да донесе револуција“, поентираат организаторите.