СИМ: Не сакавме да бидеме демократски декор во изборот за младински претставник во РИКО

Процесот на избор на младински претставник во управниот одбор на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО (Regional Youth Cooperation Office – RYCO) уште еднаш даде лажна надеж дека младите можат вистински да учествуваат во процесите од интерес на младите, реагираат од Сојуз на извидници на Македониjа (СИМ).

Ви го пренесуваме целиот став на Сојузот за процесот за избор на младински претставник на РИКО:

„На почетокот на јуни годинава во рамки на Самитот на Западен Балкан во Париз, премиерите на шестте земји потписнички на Меѓународната спогодба го потпишаа воспоставувањето на РИКО.

Формирањето на Регионалната канцеларија на младинска соработка ги промовира концептите на пријателство, помирување и соработка. Процесот е инспириран од искуството на Француско – Германската младинска канцеларија, заедно со други успешни проекти на Eвропскаta младинска соработка, со што се поставени нови односи и значително е подобрена соработката и е постигнат значителен развој кај младите.

Формирањето на РИКО и вклучувањето на Република Македонија во ваква регионална иницијатива, отварањето на можности за нашите членови и воопшто младите во нашата земја го дочекавме со голем ентузијазам и радост.

Дополнително најавата на процесот за креирање на телата и транспарентен избор на младински претставник во управниот одбор на РИКО ни даде надеж дека конечно младите вистински ќе бидат вклучени и ќе одлучуваат за процесите од свој интерес.

Агенцијата за Млади и Спорт како надлежна институција го започна процесот и најави отворен и инклузивен процес.

Уште со самото создавање на работната група (во која аплицираат организации кои исполнуваат договорени услови) се отвори простор за сомнеж во искрените намери за транспарентен процес.

Водени од извидничките и демократските вредности одлучивме целосно да го поддржиме процесот и да учествуваме како една организација (постоеше легитимна опција секој од извидничките одреди (22) се вклучи самостојно), да придонесеме со член во работната група и да понудиме кандидат во изборниот процес.

Работната група која беше формирана изненади многумина. Како членови во групата беа избрани лица вработени во агенцијата, вработени во ресорни министерства и организации кои не се активни ниту во Централниот регистар на Република Македонија. Младинските организации реагираа на ваквите неправилности и по одбивањето за споделување на подетални информации за процесот на избор на членовите во работната група, тие побараа пристап до информации од јавен карактер на што беше одговорено, но одговорите од страна на Агенцијата за млади и спорт не се совпаѓаа со информациите што беа побарани и не ги адресираа нивните сомнежи.

Во име на соработката и потребата на градење на доверба меѓу институциите и младите, СИМ, и покрај сите недоречености остана вклучен во процесот и учествуваше во изборите кои требаше да го изберат младинскиот претставник за управен одбор на РИКО со надеж дека потребата за градење на доверба и соработка е заедничка заложба за сите, како од организациите, така и од институциите.

На изборите нашиот кандидат (Горан Ѓорѓиев) доби 13 гласа помалку од Бојана Наумоска, додека за третиот кандидат не доби гласови. Сепак поради недоволен вкупен број на гласови, тој ден не се избра претставник.

По неуспешните избори и упорните избегнувања на агенцијата да ги адресира сомнежите на младинските организации од работната група околу транспаретноста и правилноста на изборниот процес, беше јасно дека процесот не оди во посакуваниот правец и следствено на тоа, како организација не сакавме да бидеме демократски декор во процесот и затоа на вторите избори одлучивме да не учествуваме со кандидат.

Гледајќи ги резултатите од вторите организирани избори и игнорирањето на легитимните барањата на младинските организации, можеме да оцениме дека донесовме правилна одлука и можеме да изразиме големо жалење за испуштање на две клучни можности:

Можноста за конечно вистинско вклучување на младите во процеси на носење на одлуки;

Можноста за конечно градење на доверба помеѓу Агенцијата за Млади и Спорт и младинските организации и младите.

Заклучивме дека пропуштивме историска шанса да отвориме ново поглавје врз основа на истите вредности на кои се потпира и РИКО (помирување, пријателство и соработка).

По тој повод, Сојузот на извидници на Македонија смета дека Агенцијата треба да покаже доблест и со искрена желба и посветеност на начелата на транспаретност и инклузивност да го преиспита изборот и да отпочне процес од кој сите страни ќе излезат задоволни со тоа дека избрале претставник за млади кој ќе ги застапува младите и нивните интереси во својот полн капацитет, во координација со сите релеватни чинители.

Како најголема младинска организација во Македонија, која постои повеќе од 60 години, секогаш сме и ќе стоиме на располагање на младинските организации и на институциите за градење на политики и процеси кои ќе креираат нови можности за младите и ќе придонесуваат во нивниот развој“, се вели во соопштението на Сојузот на извидници на Македонија.