„Силјан“ на Котевска е македонскиот кандидат за „Оскар“ 2025

Македонскиот филм „Силјан“, во режија на Тамара Котевска и во продукција на Конкордиа (Concordia), е годинашниот македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм.

„Одлуката ја донесе Комисијата за избор при Друштвото на филмските работници на Македонија, која е официјално призната од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука (AMPAS)“, информираат од Агенцијата за филм.

Од таму појаснуваат дека деветчлената комисија била составена од: Томи Салковски – претседател и продуцент, Лабина Митевска – продуцент, Даријан Пејовски – режисер, Марија Димитрова – продуцент, Душан Кардалевски – кинематографер, Марина Колоска – прв асистент на камера, Иван Ивановски – режисер на анимиран филм, Братислав Зафировски – тон мајстор, и Горан Игњатовски – автор на филмска маска.

Годинава, комисијата избираше помеѓу три македонски остварувања: „Ди Џеј Ахмет“ на Георги Унковски, продукција на Синема Футура, „Силјан“ на Тамара Котевска, продукција на Concordia и „Планината не оди никаде“ на Петра Селишкар, продукција на Cinepaqe Production.

„При својот избор, комисијата се водеше од уметничката вредност на филмовите, квалитетот на нивната наративна и визуелна компонента, како и од актуелноста и длабочината на приказните кои ги обработуваат“, соопштуваат од Агенцијата.

Инаку, претходниот документарец на Котевска, „Медена земја“, исто така беше македонски кандидат за „Оскар“, а потоа доби и две номинации за златната статуетка – за „Најдобар документарен филм“ и за„ Најдобар Интернационален филм“.

Фото: Агенција за филм