Сигет – фестивал на слободата!

На прес-конференцијата одржана вчера во Будимпешта беа споделени многу нови информации за концептот и програмата на овогодишното издание на фестивалот Сигет. Основното мото на 21-то издание е: СИГЕТ- ФЕСТИВАЛ НА СЛОБОДАТА! Големо внимание ќе биде посветено на тоа да се креира уникатно визуелно доживување, а последната вечер на седумдневниот настан ќе ја круниса грандиозно шоу, вели основачот на фестивалот, Karoly Gerendai. 

Во основа, новиот концепт на Сигет 2013 е всушност редефинирање на она што веќе постои: овојпат „Островот на слободата” и официјално се роди затоа што Сигет е независна држава која седум дена во годината функционира со свои посебни правила, има своја платежна валута, физички е одвоена на остров во центарот на една метропола, а има и свое знаме и државни симболи.

Сигет - фестивал на слободата!Во минатото имаше успешни проекти како Colosseum, Hungaricum Village, Luminarium, Eastern-European Funfair и инсталации од типот на Hello Wood и Medence groups, а од лани и панорамата Sziget Eye. Оваа година организаторите одлучија Сигет да го претворат во вистинско уметничко дело. Герендаи го спомена следново: „Големите фестивали, особено оние за електронска музика, инвестираат значајни средства во изградба на гигантски сцени со посебни ефекти и креираат фестивалски Дизниленд. Сигет нема да го следи баш истиот пат, но во секој случај ќе тежнее да има што повеќе инсталации, склуптури и специфично уметничко осветлување. Слободно може да се каже дека Сигет оваа година ќе вложи најмногу досега, за да креира оригинално фестивалско доживување. “

Новитет за оваа година е Sziget Beach која ќе биде нова супер локација на Сигет. Претходните години беше строго забрането да се плива во Дунав поради безбедносни причини, но од оваа година, благодарение на новите технологии капењето ќе биде дозволено. Плажата Сигет ќе има барови и најразлични услуги, а вечерите ќе бидат збогатени со забави од типот Full Moon Parties of the Far-East.

Крајот на седумдневната забава ќе го означи Тhe End Show, кое за првпат ќе се организира оваа година. Во недела на 11 август на главната сцена на Сигет крајот ќе го одбележат специјални ефекти, ласерско шоу, многу огномет и останата пиротехника. За време на овој спектакл ќе настапува најактуелниот диџеј и продуцент во светот денес, Дејвид Гета.

Повеќе информации може да најдете на szigetfestival.mk

Николај Митрески