Шведска сака да забрани продажба на алкохол после 22 часот за да се спречи ширењето на Ковид-19

Шведскиот премиер Стефан Лефвен вчера најави дека неговата влада ќе претстави предлог-закон со кој ќе се забрани продажбата на алкохол на национално ниво по 22 часот во баровите, рестораните и ноќните клубови од 20 неомври во обид да се спречи ширењето на коронавирусот, јавува „Асошиејтед прес“ (АП).

„Се соочуваме со (Ковид-19) ситуација која може да стане црна“, рече Лефвен, додавајќи дека Шведска ризикува да се врати во состојба во каква што беше минатата пролет.

Изминатите недели, како што пишува „АП“, Шведска бележи рекордни бројки на новозаразени, што го оптеретува здравствениот систем и одделенијата за интензивна нега во земјата.

„Сите индикации упатуваат на погрешна насока“, додаде Лефвен на заедничката прес-конференција со министерката за социјални работи Лена Халенгрен.

Халенгрен посочи дека сите места кои имаат дозвола да служат алкохол, мора да се затворат 30 минути по 22 часот и ги опиша овие места, особено баровите и ноќните клубови, како „ризични места“.

Вчера во главниот град Стокхолм повторно беше воведена забраната за посета на домовите за згрижување стари лица, откако беше пријавен скок на бројот на новозаразени со коронавирусот во таквите објекти. Шведска, која се одлучи за полиберален пристап кон пандемијата, во септември ја укина забраната за посета на домовите за згрижување стари лица.

Генерално, земјата со 10 милиони жители сега има вкупно 166.707 случаи на заразени со Ковид-19 и 6.082 смртни случаи од почетокот на пандемијата.