Шведска ги менува насоките за носењето маски во јавен превоз

Владата на Шведска донесе препорака за носење маски за лице во јавниот превоз за време на сообраќајниот метеж, со што ги менува своите претходни препораки за Ковид 19 за немањето потреба од носење маски за спречување на ширењето на вирусот.

Исто така, од сегашните осум го намали на четири бројот на луѓе што седат заедно на иста маса во рестораните, а ќе се забрани продажба на алкохол по 20 часот.

Премиерот Стефан Лофвен ги претстави мерките кои ќе стапат на сила наскоро. Истовремено, низ Европа се најавуваат карантини за претстојните божиќни празници, а Италија и Австрија се најновите земји најавија забрани за движење за Божиќниот период.

Шведска, која никогаш не воведе целосна блокада, забележа скоро 360.000 случаи и 8.000 смртни случаи – многу повеќе од нејзините скандинавски соседи.

Земјата претходно беше една од ретките нации што не препорачуваше маски надвор од здравствените установи и покрај ваквите препораки дадени од Светската здравствена организација (СЗО).