Штрајкуваат наставниците од Оклахома

Голем број училишта во американската сојузна држава Оклахома денеска се затворени поради штрајк на наставниците.

Штрајкот трае веќе втор ден со барање за зголемување на платите во рамките на бунтот кој ги погоди сојузните држави под власт на републиканците.

Според американските медиуми, гувернерката на Оклахома минатата недела потпишала документ со кој на наставниците им се зголемуваат платите за 15 до 18 отсто. Сепак, дел од наставниците, на кои платите не им се покачени во последната деценија, не се задоволни и и излегоа на улица.

Оваа сојузна држава, пред последното зголемување на платите, беше 49-та по висина на наставничките плати во САД, со просечна годишна заработка од 45.276 долари.

Во февруари со истите барања за повисоки плати штрајкуваа и наставниците во Западна Вирџинија.

Инаку, илјадници наставници од Оклахома и Кентаки уште вчера утрото излегоа од своите работни места, главно организирани преку Фејсбук. Во Оклахома Сити, голем дел од присутните викаа „Нема средства, нема иднина!“, додека Катерина Раф, локален наставник, носеше транспарент „Благодарение на Западна Вирџинија“.

„Тие ни дадоа храброст да застанеме за себе“, рече Раф.