Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, прочитај го нашиот избор на топ вести од образование, култура, граѓанско општество, политика, животна средина…

Што ги одбележа минатите седум дена, прочитајте во продолжение:

Приватните универзитети повторно во мода, бројот на бруцоши зголемен за речиси 70% [Инфографик]

Минатата академска 2022/2023 година на приватните високообразовни установи се запишале 67% повеќе студенти во прва година во споредба со академската 2021/2022 година, покажаа податоците на Државниот завод за статистика. Истовремено има мал пад (-2%) во бројот на запишани бруцоши во државните високообразовни институции.

Раст на бројот на бруцоши се забележува во 8 од вкупно 12 приватни универзитети во С. Македонија. Сепак овој генерален пораст најмногу се должи на Меѓународниот балкански универзитет, каде изминатава година се запишале 2.015 студенти во прва година, што е тројно повеќе од запишаните бруцоши пред две години.

Споредбата по години покажува и дека последнава академска година бројот на запишани бруцоши на приватните универзитети е највисок во последниве десет години.

Приватните универзитети повторно во мода, бројот на бруцоши зголемен за речиси 70% [Инфографик]

Храна за астронаути и одржливо пчеларство – лиофилизаторот на Благојче Најдовски награден на „Зелени идеи“

„Македонија се наоѓа на многу интересно место – имаме мешавина од континентална, медитеранска и планинска клима и овој микс прави да имаме многу богата природа и голем (био)диверзитет. Но, во последниве 20 години, климата се менува и под влијание на големите суши, пчелите умираат поради недостаток на протеинска храна, а протеинската храна на пчелите се вика полен“, вака ја започнува својата приказна велешанецот Благојче Најдовски, трета генерација пчелар.

Во рамки на овогодинешниот натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи, „Зелени идеи“, Најдовски доби награда за ембрионска победничка идеја – „APICO-PRO SUPERFOOD“, прехранбен производ на база на инсекти.
„Нудиме нов пристап и технологија за производство на Apico-Pro, кој е комбинација од растителни протеини – локално произведена леблебија и високо нутритивен прав од трутовски ларви кој се произведува со лиофилизација“, вели пчеларот.

Храна за астронаути и одржливо пчеларство – лиофилизаторот на Благојче Најдовски награден на „Зелени идеи“

[Времеплов] Бунтовниот шарм на македонската женска рап сцена

Истражувајќи за женската #мкрап сцена, приказната не носи во Калифорнија, кадe се наоѓа Ана Илиевска, една од членките на No exit, а сега професорка, компаратистка и истражувачка по светска книжевност на Универзитетот Стендфорд.

Навраќајќи се на своите рап почетоци, Илиевска започнува велејќи дека со стартот на новиот милениум, младите биле и многу оптимистични, но и многу песимистични.

“Тогаш Македонија уште беше храбра, нова држава, и нашата генерација го имаше чувството дека можеме да ја определиме насоката во која да се движи, со култура, литература, музика и уметност воопшто. Тоа беше оптимистичната страна. Песимистичната страна беше дека полека-полека ни стануваше јасно дека нема никаква можност во Македонија да се живее само од уметноста. Турбокапитализамот стигнуваше во Македонија, сѐ стана приватизирано и многу од нашите родители ги изгубија работите што им даваа стабилност за себеси и за фамилијата. Одеднаш, во раните 2000-ти години, ние се сетивме дека не се може така напред, дека остануваме без ништо и дека треба да се побуниме. И кој жанр на музика дава најмногу можности да се изрази таква побуна, ако не рапот“, раскажува таа

[Времеплов] Бунтовниот шарм на македонската женска рап сцена

Еколози бараат промени на „зелените“ закони, очекуваат јавноста да се вклучи со сугестии

Законска неусогласеност, непочитување на Законот за урбано зеленило од планери и од институции и непочитување на професиите шумарски инженер и пејсажен архитект. Ова се проблемите кои ги утврдил Зелен институт во однос на постоечките регулативи за урбано зеленило и урбанистичко планирање. Имаат предлози како тие да се подобрат, а притоа очекуваат јавноста да се вклучи со сугестии, критики и забелешки до крај на јули.
На јавната дебата и презентација во Советот на Град Скопје, Лилјана Поповска од Зелениот институт алармираше за неусогласеност на урбанистички термини, неусогласеност на термини за видови зеленило, неусогласеност на прекршоци и глоби, а заостануваат и новите европски трендови за зелената инфраструктура како одговор на климатските промени.

Еколози бараат промени на „зелените“ закони, очекуваат јавноста да се вклучи со сугестии

[Став] Ќе му дадеме ли шанса на Тредс?

Побрзав и јас да направам профил на мрежата која е многу идентична на Твитер. Прилично брзо и едноставно. Инстаграм ми понуди со два-три клика, веќе да почнам да скролам низ времепловот кој на почеток беше исполнет со многу „рандом“ објави, најчесто на верифицирани профили и светски инфлуенсери, немајќи што да прочитам од сопствената мала публика во првите моменти.

16 часа подоцна, најмалку 30 милиони корисници веќе се приклучија на мрежата.

Времеплов со тредови, опција за пребарување профили, копче за пишување и известувања. Прилично едноставен интерфејс за апликација која е на самите почетоци. А засега, нема ниту реклами. Напишаните тредови можат многу едноставно да се споделат на Инстаграм стори, со позадински дизајн, а одма боде очи и опцијата да се сподели тредот на Твитер, што многумина го воочија,  потсмевајќи се.

[Став] Ќе му дадеме ли шанса на Тредс?