Што предвидува Уставот за вонредна состојба

Владата по денешната седница предложи да се прогласи вонредна состојба, која според Уставот настанува при големи природни непогоди или епидемии, како што е случајот со Ковид-19 коронавирусот.

Согласно Уставот, постоењето на вонредна состојба на територијата на државата, или нејзин дел, може да го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници.

„Одлуката со која се утврдува постоењето на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена. Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане“, се вели во Уставот.

Но, претседателот на Собранието на С. Македонија, Талат Џафери, денеска изјави дека Собранието, поради правни пречки, нема да може да се собере и да ја разгледа предлог-одлуката на Владата за прогласување вонредна состојба, додавајќи дека документот ќе го препрати до Претседателот на државата, Стево Пендаровски, за тој да донесе одлука.

Согласно член 126, при постоење на воена или вонредна состојба, Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

„Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието“, стои во Уставот.

Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

„Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“, се вели во членот 54.

Исто така, користењето на правото на мирно собирање и изразување јавен простор, без претходно пријавување и дозвола, може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Сепак, како што претходно изјави премиерот Оливер Спасовски, воведувањето на вонредната состојба нема по автоматизам да значи дека ќе се воведат рестрикции на слободите и движењата на граѓаните. Според него, вонредната состојба ќе значи дека Владата ќе може да носи одлуки, најмногу во економскиот дел. За мерките за ограничување, истите ќе се носат на дневна основа.