Владата предложи вонредна состојба во државата

На денешната владина седница е донесена одлука да се предложи воведување вонредна состојба на територијата на целата држава, соопшти техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

„Исправени пред заканите од коронавирусот по јавното здравје, по здравјето на луѓето, меѓутоа и по нашата економија наложуваат и вонредни мерки. Ова е вонредна ситуација и затоа е потребна и вонредна состојба. Владата на Република Северна Македонија веќе нема ниту најмала дилема, затоа на денешната седница донесвме одлука да предложиме воведување вонредна состојба на територијата на целата наша држава, сега и веднаш“, соопшти Спасовски.

Тој рече дека ќе упати предлог за прогласување вонредна состојба до распуштеното Собранието, но истовремено појасни дека дека претседателот на државата има уставна можност со која може да се прогласи вонредна состојба на 30 дена.

Спасовски истакна дека мерките кои досега се носеле дале очекуваните резултати, но дека тие сега треба да се заострат преку воведување на вонредната состојба, за како што рече, да се спречи поголем пик на коронавирусот во кратко време.

„Убедени сме дека таквата ескалација можеме да ја спречиме со воведувањето на вонредна состојба на целата територија на РСМ“, дополни Спасовски.

Како што појасни, владата бара да се воведе вонредна состојба бидејќи тогаш ќе може да носи уредби со законска сила и нови огранучувања, со што ќе се олесни функционирањето во моменталната ситуација.

„Се создаваат услови сите кои учествуваат во борбата против овој вирус – здравствените работници, полицијата, Армијата, службениците, институциите, Владата, работниците во производството успешно да ги спроведуваат активностите во оваа хуманитарна криза“, дополни Спасовски.

Воведување на оваа состојба, според премиерот, не значи дека по автоматизам ќе се воведат рестрикции на слободите и движењата на граѓаните. Вонредната состојба ќе значи дека Владата ќе може да носи одлуки, најмногу во економскиот дел. За мерките за ограничување, истите ќе се носат на дневна основа. Порача до сите да ги откажат патувањата и да не му пркосат на вирусот. А секој кој ќе сака да излезе од Македонија ќе треба да потпише изјава дека нема да се врати 3 месеци.

Спасовски се повика на Уставот за тоа како би функционирала вонредната состојба, дополнувајќи дека состојбата зависи и од какво поведение ќе има од граѓаните.

„Што ќе преземеме и какви мерки ќе преземеме – ќе зависи од состојбите во државата. Ова значи, нормално функционирање на животот, нормално работење, а само во сегменти кај што ќе сметаме дека треба да се зајакне контролата – ќе ги направиме. Однапред ништо не е дефинирано дека, не знам, сега имаме полициски час, ова или она… Не! Тоа ќе го дефинираме со одлуки на Влада, со уредбите кои ќе се носат, врз основа на тоа како ќе се однесуваме сите ние“, рече Спасовски.