Штипскиoт универзитет слави седум години постоење

Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип денеска прослави седум години од основањето. Ректорот Саша Митрев рече дека изминатата година имале низа на успеси, но и инвестиции во објектите за факултетите.

Штипскиoт универзитет слави седум години постоење

Дел од тие успеси, рече Митрев, се второ место на Шангајската листа, вселување во новиот ректорат во зградата на Гоцевото училиште во штипско Ново Село, инвестирање во научно-истражувачката работа. Истакна дека универзитетот е единствен во земјава кој има фонд за научно-истражувачка работа за своите научни работници во висина од 6 милиони денари.

– Минатата година имаше 15 проекти за кои се издвоиија некаде околу пет милиони денари како фонд за научно-истражувачка работа и оваа година имаме 15 проекти некаде со слична сума на средства. Ова го правиме со цел универзитетот да има се поголема видливост во својата научно-истражувачка работа, да има се повеќе трудови кои ќе имаат свој фактор, а на некој начин е во функција на самиот универзитет и ќе му даде подобро позиционирање во светски рамки, рече Митрев, пренесе МИА.

Тој додаде дека во делот на инфраструктурните инвестиции им останува уште средување на објектот за Медицинскиот факултет, а очекува овој проект да заврши до почетокот на новата академска година.

По повод патронатот, беше промовирана издавачката дејност, а најдобрите студенти и вработени на факултетот добија признание од универзитетот „Гоце Делчев“. Штипскиот универзитет денеска промовираше и двајца доктори на науки – Ристе Поповки и Марија Хаџи Николова.