Шпанското обвинителство ќе ги гони каталонските лидери за бунт

Јавниот обвинител на Шпанија, Хосе Мануел Маза, соопшти дека ќе подигне обвиненија, против каталонските лидери, кои беа развластени од централната власт откако тие прогласија независност во регионалниот парламент.

Маза изјавил дека обвинението ќе биде за бунт, поттикнување на бунт и злоупотреба на јавни средства од високите функционери на претходната администрација на Карлес Пуигдемон, кривични дела за кои се предвидени затворски казни од 1 до 30 години.

Според шпанскиот правен систем, обвинението треба да биде доставено до националниот суд и да биде потврдено од судија. Можниот правен процес против парламентарните власти од Каталонија ќе бидат надгледувани од врховниот шпански суд.

Маза изјавил дека обвиненијата се бараат поради „нивните активности во последните две години кои предизвикаа институционална криза која кулминираше со унилатерална декларација на независност, направена во целосна спротивност на нашиот устав на 27-ми октомври“.

Потегот доаѓа откако Шпанија презеде директна контрола врз Каталонија, со која регионалните службеници беа отстранети од власт и се заменија со службеници од Шпанија. Шпанскиот премиер, Маријано Рахој повика на одржување регионални избори на 21-ви декември.

Утрово Пуигдемон објави слика на Инстаграм, со текст „убав ден“, од внатрешноста на каталонската владина зграда, иако не е јасно кога е направена таа фотографија.