„Шпанија во срцето“ со Ѓорѓи Димчевски и Рикардо Касеро

Македонската филхармонија, во четврток (5 април) во 20 часот го најави егзотичниот концерт „Шпанија во срцето“. На концертот ќе се изведат атрактивните дела: Симфониската рапсодија „Шпанија“ од Емануел Шабрие, Интродукција и рондо капричиозо од Камиј Сен-Санс, Цигански напеви од Пабло Сарасате и грандиозната Симфонија бр. 1 од Густав Малер.

На подиумот како солист ќе застане виртуозот на виолината Ѓорѓи Димчевски. Овој уметник моментно е концерт-мајстор на Националниот оркестар на Шпанија, а од 2007 година, е концерт-мајстор на Оркестарот Валенсија, кој концертира во Палатата на уметностите на кралицата Софија предводен од славниот Лорин Мазел.

Како диригент ќе се претстави врвниот маестро Рикардо Касеро од Шпанија, кој диригира со славни оркестри и соработува со светски солистички ѕвезди. Уште еден куриозитет, е што на концертот „Шпанија во срцето“ како концерт-мајстор ќе се претстави почитуваниот Благоја Димчевски, професор на Конзерваториумот во Тулуз, кај кого учеле голем број наши и светски виолинисти.