„Шок на иднината“ – како интернетот и новите технологии го менуваат образованието

Пандемијата го забрза користењето на интернетот во редовната настава, секојдневието стана незамисливо без помош од дигиталните алатки на часовите. Ова беше повод за одржување на дебатата организирана од Македонскиот институт за медиуми. На неа, наставниците зборуваа за тоа како како социјалните медиуми влијаат на младите, како новите технологии можат да се искористат за стекнување на нови знаења и како преку создавање на краток филм, блог или стрип може да се научи за медиумска писменост.

Зборувајќи за влијанието на социјалните мрежи врз менталното здравје на младите, професорката по македонски јазик Љупка Боцевска, од гимназијата „Орце Николов“, нагласи дека користењето на социјалните медиуми влијае и врз на јазичниот израз.

„Прекумерното користење на социјалните медиуми влијае врз јазикот и писменоста. Учениците при „четување“ стануваат економични при користењето на зборови и користат кратки фрази за да се разберат. Забележав дека е популарно испуштањето на самогласките, па ова се одразува врз писмените и државните тестови, кога тие ги испуштаат буквите „ѓ“ и „ќ“. Исто така, се употребуваат туѓи зборови па се креира современ сленг“, истакна Боцевска.

Меѓу примерите посочени беа кратенките „загр“ – за греота, „сцм“  – Скопје Сити Мол, а од сленговиот речник беа посочени зборовите „срцне“, „хејта“, „тиктокер“.

Боцеска нагласи дека социјалните медиуми можат негативно, но и позитивно да влијаат на менталното здравје на младите.  Таа објасни дека губење на самодоверба, депресија, анксиозност, па и зависностс се дел од негативните импликации што социјалните мрежи можат да ги издејствуваат.

Но, социјалните мрежи можат и позитивно да влијаат врз менталното здравје, додаде професорката Боцеска, особено преку страни кои нудат совети и поддршка за мeнтално здравје, онлајн активизам, но и креативност во јазичниот израз.

„Онлајн активизмот е позитивно влијание, младите се повеќе се обединуваат и стануваат општествено активни, прават настани за млади, на кои старите не се сетиле. Тие заземаат учество во онлајн дебати и младинското учество кое се презентира понатаму влегува во наставните програми и училиштата, а младите се борат нивниот глас да допре до јавноста“, нагласи Боцевска.

Таа посочи  дека едукативната страна на социјалните мрежи се забележала во периодот од март до јуни кога наставниците оставени сами на себе при реализирањето на наставата, па преку групи на социјалните мрежи се споделувале дидактички материјали.

Професорката Снежана Станкова од гимназијата „Никола Карев“, истакна дека најпрво е потребно учениците и професорите да излезат од комфорната зона. Таа зборуваше за тоа како може да се искористат новите технологии за стекнување на знаења и предавање, давајќи примери од своето искуство.

„Платформата од МОН уште се трудиме да ја воведеме во наставата, но затоа „Мајкрософт тимс“ е одлична. Се ставаат видеа, учениците истражуваат, се ставаат фотографии и сите се чувствуваат инволвирано во процесот. За да го решиме проблемот со социјализацијата практикуваме работа во парови. Се работи и во групи. Практикуваме и барање решение на одреден проблем, па децата се здружуваат“, истакна таа.

Наставничката по информатика во неготинското училиште „Страшо Пинџур“, Георгина Димова, која во јавноста ја запозна по веста за онлајн часот со Бил Гејтс, објасни дека во основното образование, темата на медиумската писменост најчесто провејува низ предметите по македонски јазик, по информатика и етика, додавајќи дека медумски писмен ученик е безбеден ученик.

„Училиштето пред две години имаше проект против насилство, па го искористивме филмот како медиум. Учениците научија дека медиумот е силно оружје во нашите раце, а ние треба да одлучат дали ќе го користат за добро или лошо. На часот по информатика им зададов задача да направат стрипови, како начин да се научат програми за обработка на текст. Добивме стрипови против користење петарди, убивање животни и медиумска писменост“, образложи таа.

Димова објасни и за онлајн предавањето на кое присуствувал и Бил Гејтс, велејќи дека на таа програма учениците се поврзале со свои врсници од Шведска, Индија, Египет, Порторико и Франција, но и деца од Африка за кои неготинците израбпотиле соларни ламби.

Таа даде пример и за проектот на учениците во кој тие поставиле „QR“ кодови на дел од атрактивните локалитети во Неготино, кои биле поврзани со блог објави кои учениците сами ги напишале.

Стефан Јаниќ, комуниколог од Новосадската новинарска школа во Србија, соопшти дека во Србија веќе две години студентите може да го изберат изборниот предмет „Медиумска писменост“, иако учат на други катедри. Предметот по медиумск писмеост истовремено е активен и во гимназиите.

„Почнав да учествувам на тренинзи на професори за медиумска писменост и требаше да подучувам луѓе кои имаат децениско искуство во образованието. Постојат два наративи, првиот се држи до старите вредности – што давније, то моралније. Вториот наратив се држи до новото, се она што го носи 21 век. Меѓутоа, овој утописки пристап содржи во себе дистописки фактор.

Меѓудругото, Јаниќ зборуваше на концептот на Алвин Тофлер, шокот на иднината.

„Технологијата брзо се менува и ние не можеме да се адаптираме. Секоја година има нов Ајфон, па човекот се уморува од тие промени. Дури и генерациите родени на телефон ќе се уморат. Сепак, технологијата нема да се врати назад, па можеби ова на кое не натера пандемијата е добро. Во секое зло има добро. Проблемот со наставниците е што им е страв да разговараат со учениците за новите технологии бидејќи тие имаат напредно знаење. Постои генерациски јаз – јас не користам ни Инстаграм, а моите ученици веќе користат тикток, но таа миграција никогаш нема да се сопре. Се трудам да ги сфатам новите генерации, не треба да се поставам како намќор, дека новите генерации не се добри“, истакна Јаниќ.

Според комуникологот, во образованието треба да се воведат четирите „К“ – критичко мислење, комуникација, креативност и соработка (колаборација).

Тој додаде дека за спроведувањето на медиумската писменост отежнуваат проблемите како институционална поддршка, опременоста на училниците, мотивацијата на наставниците, а конкретно во Србија и медиумскиот систем на државата.

И.С.