„Школски штрајк“ – Австралиските ученици протестираа за климатските промени

Илјадници ученици од Австралија денеска не се појавија во училиштата и организираа протести низ целата земја поради несогласување со политиките за климатските промени кои ги презема власта.

„Школскиот штрајк за климатска акција“, како што беше наречен протестот, се одржа во секој главен град од сојузните држави кои ја сочинуваат Австралија, како и во 20 други регионални градови.

Во понеделникот, австралискиот премиер Скот Морисон ги критикуваше повиците за активизам на учениците за време на часовите, инсистирајќи дека владата се справува со климатските промени. Многу од улениците изјавиле дека ставот на премиерот само ја засилило нивната одлука за протест.

„Ние ќе бидеме тие што ќе ги трпат последиците од одлуките кои тие (политичарите) ги носат денес“, изјавил 17-годишниот демонстрант Џагвир Син за Би-Би-Си.

Многу од учениците носеле транспаренти со критики кон владата и премиерот Морисон. Еден од учесниците на протестите истакнал натпис со порака: „Го мразам СкоМо (Скот Морисон) повеќе отколку што го мразам училиштето“.

Австралија според Парискиот договор е обврзана да ги намали емисиите до 28% до 2030 година. Но, претходно оваа недела Обединетите Нации соопштиле дека Австралија и многу други држави не успеваат да ги задоволат нивоата на емисии според тоа што се обврзале.