Шиење, везење и цртање на текстилен отпад со Аммар Качар цела седмица во „Комбо“

Младиот уметник Аммар Качар – Ред, кој од текстилен отпад креира нови парчиња преку шиење, везење и цртање, неделава, од 3 до 8 јуни, ќе ги курира активностите насловени „Везен град“ во креативното студио „Комбо“.

„Дел од социјалната мисија на ‘Комбо’ е поддршка на млади уметници и промоција на нивните вештини. Па така, од 3 јуни го започнуваме нашиот пилот проект каде во текот на една недела, активностите во продавницата ќе бидат курирани од страна на млад уметник“, велат од „Комбо“.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by @kombo.creativestudio

Отворањето во вторник ќе биде во опуштен „Chill & Stitch“ формат: везење, закуски и пријатна музика под отворено небо во градината на „Комбо“, од 15 до 20 часот.

„Обрачи, конценија, чаеви и перничиња за да се чувствуваш како дома. Ѕид-табла со започнат вез – додај свој потпис и инспирирај се од другите. Без официјално водство, отвори ги вратите на твојата креативност и едноставно уживај“, вели младиот уметник за првиот ден.

На вториот ден, Качар заедно со Доротеј Нешоски ќе го спојат скицирањето и везењето во еден уникатен хибриден процес, при што прво ќе ги воведат присутните во светот на пастели, акварели и дрвени боички, потоа преку тактилни вежби тие ќе ги почувствуваат конците, иглите и структурата на материјалот, за конечно нивната визија да оживее на пак-папир со везени детали и рамка од бувљак.

Местата за вториот ден се ограничени и чинат по 700 денари, а заинтересираните може да се пријават на следниот линк. Ќе се креира од 17 до 20:30 часот.

Во четврток, 5 јуни, учесниците заедно со младиот уметник ќе спроведат креативна прошетка низ паркот „Гази Баба“ за собирање лисја и инспирација, па потоа во „Комбо“ ќе ги претвораат природните мотиви и фасадите на Железара во уникатен „patchwork & embroidery“ проект.

„Твоите готови панели ќе ги шиеме на кимоно во следната сесија – стануваш дел од долгорочна ‘wearable-art’ соработка!“, истакнува Качар.

Цената и за оваа работилница насловена „Везен град“ изнесува 700 денари, а регистрацијата е достапна овде.

Утредента, во петок, од 16:30 до 19 часот ќе се случи интерактивната работилница „Закрпи го!“ водена од експертите од „СИЕК“, каде учесниците ќе ги учат основите на машинското шиење, уметнички техники за спојување материјали, како и да креираат и уникатни апликации и детали кои ќе го оживеат нивниот текстил.

Котизацијата исто така изнесува 700 денари, а пријавата е достапна овде.

Петтиот ден, како што најавува Качар, ќе биде еден поразличен саботен поп-ап во зелена оаза. Односно, од 15 до 20 часот ќе има поп-ап изложба на уникатни парчиња како облека од втора рака, редизајн торби, накит и рамкирани дела од неговото студио „Ред“ во топол, зелен амбиент полн со растенија и перничиња за опуштена свежина.

„Дојди да го почувствуваш духот на REДефинирање и да се потопиш во процес што оживува!“, вели Качар.

Неделата ќе заврши со „сплетување нишки и приказни меѓу фасади“, каде присутните ќе можат да разгледаат внимателно селектирани thrift машки парчиња, а локални уметници ќе „шкртаат“ на тенда како на живо платно.

„Вашиот стил и енергија ќе се сплетат во заедничката ткаеница на финалето на ‘Везен град’. Придружете ни се под отворено небо и оставете свој печат!“, поентира Качар.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by REД (@red___dd)