Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека се починати шест лица со новиот коронавирус. Четворица пациенти починале на Инфективната клиника во Скопје, сите на возраст над 60 години, од кои двајца пациенти од Лабуништа, и по еден пациент од Прилеп и Куманово, додека две лица починале во болницата „8-ми Септември“ – пациент од Велес на 67 години и пациент од Куманово на 59 години.
Во меѓувреме од МЗ информираат дека изминатово деноноќие регистрирани се 42 оздравени пациенти.
„Со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти (12 од Дебар и 20 од Скопје) кои се лекуваа во домашни услови“, се вели во соопштението на МЗ.
Во изминатите 24 часа пак, потврдени се 54 нови случаи на Ковид-19, односни по градови, регистирани се 25 случаи во Куманово, 13 во Скопје, десет случаи во Прилеп, два случаи во Велес и по еден случај во Тетово, Штип, Гостивар и Кичево. Со ова, бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 се искачи на изнесува 908 лица.
Досега во земјава се направени вкупно 9.262 тестирања на Ковид -19, а во изминатото деноноќие направени се 710 теста.