Во концепт продавницата „Комбо“ во населба Железара, Скопје, во недела (14 декември) од 11 часот ќе се одржи новогодишен хуманитарен настан за собирање донации за над 50 бездомни кучиња – „Шепи холидејс“.
„Целта е да собереме 90.000 денари – онолку колку што во просек е потребно за да се обезбеди храна за целата зима на околу 50 кучиња“, посочуваат иницијаторките на настанот, Елена Данова и Елена Соколоска.
Донациите ќе бидат предадени на Здружението „Animal Lovers“ во Струмица, кое во изминативе години, целосно волонтерски, досега има најдено дом во странство за над 500 кучиња, а целосната грижа – во просек 50 кучиња во нивниот шелтер – ја обезбедува од сопствените финансии на активистките.
„Затоа, оваа зима, ќе се обидеме да им ја олесниме работата и личните трошоци, но и да им дадеме ветар во грб, да продолжат со својата хумана мисија“, нагласуваат иницијаторките.
Тие посочуваат, настанот има за цел собирање средства за обезбедување храна и услови за над 50 кученца во пресрет на зимскиот период. Посетителите се покануваат да дојдат заедно со своите миленици и да уживаат во празнична програма која ќе вклучува топла супа од тиква, празнични колачиња со цимет, домашни колачиња за кучиња, новогодишни честитки дизајнирани од двајца локални уметници – Ивана Маркоска и Наум Јамовски, како и портрети на миленици од Шепа Лица на Корнелија Џајкоска.
„Забавата ќе биде придружена со празнични музички хитови и интерактивни активности за сопствениците и нивните миленици“, стои во најавата за настанот.
Линк до точната локација: https://maps.app.goo.gl/nzxP6rvMdbpPSzX27
Пристап до локацијата може со автобуски линии: 16, 2А, 13, 42, 26. Исто така, има и бесплатен паркинг веднаш до локацијата. Постои и велосипедска патека од Центар до Железара (20 минути).
За гости од други градови: Железара се наоѓа веднаш на источниот влез во Скопје, кај Автокоманда.




