Центарот за стратешки и интернационални студии во Сеул спроведува анкета на мал број Севернокорејци, внатре во државата, за тоа што тие мислат и зборуваат за нивниот лидер додека се со своето семејство и пријатели.
Мислењето на Севернокорејците за нивниот лидер е невозможно да се знае, со оглед на тоа што Северна Кореја е тоталитарна држава каде да се признае било што освен целосна поддршка за режимот на Ким може да однесе личност во затвор или политички работен камп – или полошо.
Со години, истражувачи во Сеул (Јужна Кореја) се обидуваат да соберат податоци за Северна Кореја, преку анкетирање луѓе кои побегнале од полициската држава и успеале безбедно да стигнат до јужниот сосед.
Сега, нов проект во Центарот за стратешки и интернационални студии, „тинк-тенк“ од Вашингтон, се обидува да ги анкетира Севернокорејците кои живеат во Северна Кореја.
„Ова ни дава поглед во тоа како просечниот жител на Северна Кореја размислува“, вели Виктор Д. Ча, основач на Корејските студии во Центарот, кој го води проектот „Преку паралелата“, посветен на корејското обединување.
„Ова е прв пат да можеме да ги слушнеме луѓето внатре од државата“.
За проектот е изнајмена невладина организација, која работи внатре во Северна Кореја. Ча не го открива името, со цел да ги заштити своите операции, бидејќи штотуку треба да се спроведуваат анкетите. Последната анкета, за тоа што жителите мислат и зборуваат за режимот на Ким Џонг Ум во приватност, беше објавена во средата.
Невладината анкетирала 20 мажи и 16 жени на возраст меѓу 28 и 80 години. Доаѓаат од различна позадина, со професии од доктор, градежен работник, вработен во фабрика и претседател на компанија, а живееле во различни градови.
„Станува збор само за 36 луѓе, но и тоа е повеќе од било која анкета спроведена во Севенра Кореја. Откритијата се скромни, но сепак даваат доста увид“, вели Ча.
Триесет и пет од испитаниците рекле дека нивното семејство, пријателите или соседите се жалеле или се шегувале за режимот во приватност.
„За поголемиот дел од светското население, особено за луѓето кои живеат во слободни и отворени општества, слично откритие би било банално. Но, Северна Кореја не е слободно и отворено општество. Ако луѓето се жалат и шегуваат за владата, е исклучително доколку се земат предвид начините на кои режимот одговара на критики“.
Северна Кореја редовно се рангира на дното на листите на земји со слобода на говор. Најпоследниот извештај на Фридом Хаус забележува дека нацијата има најрепресивна средина за медиуми во светот. Само неколку од најелитните членови на режимот имаат пристап до интернет, или надворешни информации.