Северна Македонија со скок од 25 места на Глобалниот иновациски индекс

Северна Македонија има скок од 25 места во однос на минатата година на рангирањето на држави кои вложуваат во иновациска инфраструктура, покажува најновиот извештај на Глобалниот иновациски индекс за 2019 година.

Земјава се најде на 59-тото место од вкупно 129 држави во светот на рангирањето кое мери 80 различни параметри.

Во споредба со земјите од регионот, подобро рангирани се Словенија (31 место), Бугарија (40), Грција (41), Хрватска (44), Црна Гора (45) и Србија (57). Зад Северна Македонија се наоѓаат Босна и Херцеговина (76) и Албанија (83).

Според извештајот, Северна Македонија остварила високи резултати и во делот на зголемен степен на инвестиции во иновации од страна на домашните институции како и подобрена бизнис клима со што Северна Македонија се наоѓа во група со првите 50 земји во светот.

Споредбено со другите економии во Европа, во групата  на земји со средно-високи примања, Северна Македонија годинава има натпросечни оцени во пет од седумте столбови на Глобалниот иновациски индекс, кои се однесуваат на институции, инфраструктура, софистицираност на пазарот, знаење и технолошки резултати и креативни резултати.

 

Во препораките се наведува дека земјата треба да го подобри вложувањата во човечки ресурси и истражувања, сфера во која државата годинава има зголемен обем на тековни и планирани активности.  Подобрување на образовниот систем, поцврста соработка помеѓу бизнис секторот и академската заедница, посилна инфраструктура за истражувања и развој на компаниите.

Петте најиновативни земји според анализата на ГИИ оваа година се Швајцарија, Шведска, САД, Холандија и Велика Британија, а на последните пет позиции се Јемен, Бурунди, Нигер, Того и Гвинеја.

Извештајот на Глобалниот иновациски индекс на иновации се објавува 12 години по ред од страна на Светската организација за интелектуална сопственост во партнерство со бизнис школата Инсед и Универзитетот Корнел.