Шестгодишна иницијатива за спас на белоглавиот мршојадец во Македонија

Македонското еколошко друштво започнува нов шестгодишен проект за обнова на популацијата на белоглавиот мршојадец во Македонија, како дел од програмата LIFE на Европската Унија. Проектот има за цел зголемување и зајакнување на популацијата на овој загрозен вид на македонска и грчка територија, со што ќе се придонесе за негово закрепнување на ниво на Балканскиот Полуостров.

Проектот го спроведува Македонско еколошко друштво, во партнерство со Hellenic Ornithological Society, University of Crete – Natural History Museum of Crete, Natural Environment and Climate Change Agency и Fund for Wild Flora and Fauna, под координација на Vulture Conservation Foundation.

Белоглавиот мршојадец до средината на минатиот век бил честа појава на Балканот, но поради ловење, труење, недостиг на храна и струјни удари, неговата бројност драстично се намалила. Денес, една од клучните зони за негово гнездење е Тиквешко-Демиркапискиот регион, каде што се регистрирани околу 20 пара белоглави мршојадци.

Во рамки на проектот, во Македонија ќе бидат донесени 50 единки од Шпанија. Птиците ќе поминат период на аклиматизација во специјални кафези, по што ќе бидат пуштени во природа согласно утврден протокол. Пред ослободувањето, ќе им бидат поставени ГПС-предаватели за следење на нивното движење и навремена реакција во случај на опасност.

Проектот предвидува и засилени мерки против труење, воспоставување системи за рано предупредување, подобрување на капацитетите за рехабилитација на диви животни и поставување дополнителни станици за исхрана. Посебен фокус ќе биде ставен и на поддршка на традиционалното сточарство и подигање на јавната свест за улогата на мршојадците во екосистемот.

Со овие активности, целта е закрепнувањето на популацијата на белоглавиот мршојадец да стане остварлива и одржлива реалност, наместо неизвесна надеж.

Извор / Фото: Соопштение до медиуми од МЕД