Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ги врачи годишните награди за најдобри новинарски стории и фотографии во медиумска содржина, на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“.
Првата награда е доделена за видео сторијата: „Аерозагадувањето во Македонија одзема 5000 животи годишно, како да сме во војна“, од авторките Сунчица Николоска (МРТ), Мирјана Мирчевска Јовановиќ (Канал 5) и Пелагија Младеновска (ИРЛ), објавена на платформата Дома.еду.мк, при Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Втората награда ја освои новинарката Дивна Грданова Караџовска, за видео сторијата „Како да се спаси моликата на Пелистер“, објавена на ТВ Тера од Битола.
Наградата за најдобра фотографија/видео во медиумска содржина, што СЕММ оваа година прв пат ја воведе, жирито одлучи да му припадне на фоторепортерот Борис Грданоски за фотогарафиите со наслов „Смог“, „Најтопла година“ и „Бегство“.
Пофалници за серија текстови за еколошките црни точки околу Велес и Прилеп, им беа доделени на новинарите Катерина Топалова (МРТ) и Орце Костов (Фокус).
Наградите ги врачи амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, кој при тоа посочи дека климатските промени предизвикани од човекот се факт, а последиците од нив ќе стануваат сѐ потешки и пораширени доколку не дејствуваме веднаш, колективно и глобално.
„Во Северна Македонија, последниве години видовме катастрофални поплави, топлотни бранови, уништувачки пожари. Има и други еколошки проблеми, како загадувањето на воздухот, меѓу другото, поради зависноста на земјата од јаглен. Ова со години има сериозно влијание врз здравјето на луѓето. Сето ова јасно зборува за итноста на овие прашања. Потребно е да се делува сега, мислејќи на иднината, следејќи ги столбовите на Европскиот зелен договор, кој не само што се справува со климатските и еколошките предизвици, туку ги претвора и во економски можности“.
Но на патот на индивидуалните и институционални напори за справување со климатските промени, според амбасадорот Рокас стои голема пречка, а тоа се дезинформациите.
„Дезинформациите не само што збунуваат, тие парализираат. Го одложуваат дејствувањето. Создаваат лажна слика на неизвесност што ја попречува потребната реформа на политиките и одговорноста на корпорациите. Уште полошо, дезинформациите поттикнуваат поделби, а универзалната грижа за здравјето на нашата планета – ја претвораат во идеолошко бојно поле. Ги поларизираат општествата, заменувајќи ги фактите со недоверба. И несразмерно ги погодуваат маргинализираните заедници, кои веќе го трпат најголемиот товар од климатските промени. Па, што можеме да направиме? Прво, мораме да се едуцираме себеси и другите. Второ, мораме да ги засилиме доверливите и кредибилни извори. Трето, мораме да проговориме и да се спротивставиме на лагите. И четврто, мораме да се залагаме за посилни механизми што ќе го гарантираат правото на јавноста да добие вистинити информации. Денес славиме новинари кои се водат по овие принципи. Кои преку својата работа градат доверба. Кои ја осветлуваат реалноста на климатските промени, ги разобличуваат дезинформациите и ги оспособуваат заедниците со знаење“.
Настанот, што се одржа во Европската куќа во Скопје, е во пресрет на 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, а е поддржан од УНЕСКО и Европската Унија.
СЕММ по втор пат годишните награди ги доделува за тема поврзана со човековата средина и климатските промени, бидејќи згадувањето и уништувањето на почвата, водите и воздухот во земјава, го доведува во прашање опстанокот на сите, што ги обврзува медиумите да алармираат, да истражуваат и да бараат решенија.
Се работи за проектот „Градење доверба во медиумите во југоисточна Европа: поддршка за новинарството како општо добро“.