Откако Основниот кривичен суд Скопје го осуди на 12 години казна затвор Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова, нејзината сестра Росица преку социјалните мрежи повика на протест за утре (14 мај) од 17 часот пред Универзална сала, за потоа протестниот марш да се движи кон судот.
Кулакова во својот пост на социјалните мрежи, преку кој и нејзиниот татко Теодор повика на протест, пресудата од 12 години ја карактеризира како „срамна“.
„Ова не е пресуда. Ова е плукање врз болката на цело наше семејство и врз болката на сите што ја сакаа Фросина. Во оваа фарса убијците добиваат милост, а невините жртви завршуваат во правни архиви. Кои се тие олеснителни околности?“, прашува Кулакова.
Според неа, судот не донек правда, туку јасна порака дека „во оваа земја убиството се исплаќа“.
„Ова не е пресуда што ја задоволува правдата. Ова е потсмев кон секој родител што плаче над гробот на своето дете. Ова е доказ дека во нашата судска пракса неказнивоста стана правило, а на правдата и се врзани рацете Срам да ви е! Ние нема да молчиме и од нашата болка правиме повик за промена. Излезете со нас на протест за да нема други мајки што ќе го носат товарот на неказнивост, за да нема повеќе откорнати невини животи. За да има правда за Фросина и за правда за сите! За сите кои утре може да завршат под тркалата на некој монструм. За сите што оваа држава ги предаде!“, стои во повикот за протестот.