„Селектирај отпад“ е нова апликација која има за цел на едноставен, иновативен и ефикасен начин да се собира селектираниот отпад од домаќинствата. Таа ќе ги поврзува граѓаните со компаниите кои собираат селектиран отпад.
Нејзин креатор е Марио Томов кој заедно со тим од експерти на Networker ја создаде апликацијата со идеја да ги мотивираат граѓаните активно да се вклучат во процесот на селектирањето и унапредување на квалитетот на животната средина.
Тоа може да се направи преку 5 чекори. Прво, преку апликацијата се бара кеса, која потоа се подигнува од најавената локација, па се полни со правилно селектиран отпад. Следно е потребно да се скенира QR кодот како знак за полна кеса и да се предаде на колективен собирач. На овој начин се собираат поени.
„За вас ентузијастите кои сакате да селектирате пластика, хартија и лименки, апликацијата ќе биде одличен начин да направите позитивен импакт на животната средина, а во исто време ќе имате личен паричен бенефит од својата акција“, додаваат тие.
Во соработка со ПАКОМАК, ГРИНТЕХ и Фабрика Карпош, ќе биде лансирана тест верзија (бета-верзија) од апликацијата „Селектирај отпад“, пред сè наменета за лицата кои живеат во еко-населбата Александрија.
„Сепак, како корисници на апликацијата ве покануваме сите да бидете дел од еко-движењето и да ја симнете апликацијата, креирајте свој профил, подигнете кеса и предадете ја со правилно селектиран отпад на одредените денови и термини во населба Александрија“, стои во соопштението.
Собраните поени од селектираниот отпад на профилот ќе може да се користат на ткн. „Тркало на отпадот“ каде граѓаните ќе имаат шанса да добие вредни ваучери. Оние пак, кои ќе бидат во првите 10 лица на ранг листата ќе добијат парична награда.
„Ајде во тест периодот од 3 месеци на апликацијата „Селектирај отпад“ да покажеме дека нашата свест е на повисоко ниво и дека можеме да бидеме еко-населба, еко-град, еко-држава… За нас и за нашите деца. Најважно, после успешната бета-верзија од апликацијата, „Селектирај отпад“ планира официјално лансирање на својата финална верзија во октомври 2021 година. Ние веруваме дека ќе покажеме колку многу можеме заедно“, се вели во соопштението.