Секој понеделник граѓаните ќе можат бесплатно да гледаат македонски филмови на големото платно

Агенцијата за филм промовираше проект за доближување на домашната кинематографија до публиката, под мотото „Македонски филм. На големо платно.“

Проектот се реализира во соработка со „Синеплекс“ и предвидува бесплатни проекции на македонски филмови секој понеделник. Целта како што велат од Агенција за филм е македонскиот филм повторно да се  врати таму каде што припаѓа – на големото платно.
Секој понеделник во 18:00 часот љубителите на седмата уметност ќе имаат можност да проследат селекција од најзначајните македонски филмови во професионални киноуслови, а влезот ќе биде бесплатен по принципот „прв дојден, прв услужен“, без претходна резервација на билети, стои во соопштението.
Програмата за април започнува со „Панкот не е мртов“ во режија на Владимир Блажевски (6 април), кој оваа година одбележува 15 години од својата премиера, по што следуваат „Avec L’amour“ во режија на Илија Цветковски (13 април), „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска (20 април) и „Хомо“ во режија на Игор Иванов (27 април).