Одлука донесена кон крајот на декември во Црна Гора, без претходна јавна расправа, предизвика бројни реакции во јавноста. Новиот Закон за заштита на населението од заразни болести предвидува дека невакцинираните деца не можат да посетуваат градинка, освен ако не постои медицинско оправдување потврдено од лекар.
Вакцините со децении се еден од најефикасните начини за спречување и сузбивање на заразни болести. Нивната цел не е само заштита на поединецот, туку и создавање колективен имунитет, со што се спречува ширењето на болестите и се заштитуваат најранливите групи, како новороденчињата, хронично болните и постарите лица.
Според надлежните институции, стапката на вакцинација во Црна Гора е на историски најниско ниво. Податоците покажуваат дека речиси секое второ дете родено меѓу 2020 и 2024 година не е вакцинирано. Целта на новата мерка, според Институтот за јавно здравје, е да се спречи ширењето на заразни болести, особено малите сипаници.
Законот беше усвоен брзо, со поддршка од 44 пратеници, а без поширока јавна дебата, поради што многу родители не биле информирани дека веќе е во сила. Здружението „Родители“ ја критикува одлуката, наведувајќи дека државата не презела доволно активности за зголемување на довербата во здравствениот систем и вакцинацијата.
Во дебатата се вклучи и УНИЦЕФ, кој предупреди дека основните права на децата, како образованието и престојот во градинка, не смеат да се ограничуваат без соодветни јавноздравствени и едукативни кампањи.
Извор: EUpravozato / ФОТО: Pexels



