Се утврдуваат причините за пожарот во „Глобал“, властите повикаа на солидарност кон оштетените

Пожарот којшто ноќеска пред полноќ избувна во трговскиот центар „Глобал“ во Струмица предизвика голема материјална штета, но нема човечки жртви. Пожарот го гаснеа 61 пожарникар до раните утрински часови, при што повеќе дуќани и тезги се опожарени.

Градоначалникот Коста Јаневски при денешната посета на опожарениот објект изјави дека со поддршка на централната власт ќе се обидат да ја надокнадат штетата.

„Ваквите случувања никој не може да ги предвиди, секако едно искушение носи еден своевиден тест на којшто нашето општество треба да покаже колку е организирано, колку е солидарно, колку е подготвено да помогне. Овде луѓето изгубија материјални добри коишто цел живот ги создавале и не можеме да бидеме рамнодушни“, изјави тој.

Во тек е утврдување на причините за несреќата и проценката на штетите, по што локалните власти ќе започнат со соработка со оштетените за да им помогнат.

Во гаснење на пожарот се вклучија пожарникари од Радовиш, Штип, Кавадарци и Валандово.

„Сега е време за солидарност, помош, заедничка заложба да им помогнеме на сите луѓе чии објекти претрпеа штета во пожарот и да им покажеме дека тие не се сами во овие исклучително тешки моменти за нив“, рече градоначалникот Јаневски.

На денешната обиколка на објектот учествуваше и премиерот Зоран Заев, кој е по потекло од Струмица. И тој им се заблагодари на пожарникарите за нивната професионалност во справувањето со пожарот.

„Глобал“ е еден од симболите на модерна Струмица, во него струмичките семејства ја обезбедуваат егзистенцијата, но таму живее и пазарот, таму е струмичкиот дух. Затоа силно верувам во заедницата и во добронамерните сограѓани дека ќе покажат солидарност и помош. Тешки се овие моменти за многу семјества, но знам дека заедно, сплотени ќе го надминеме и ова. Од утре, акција!“, рече премиерот Заев.

Пожарот од засега непознати причини избувнал во саботата во 23.12 часот, а борбата со пламените јазици траела цели 5 часа. Опожарена е една третина од Градскиот пазар, повеќе продавници на приземјето и првиот кат, како и на дел од вториот. При гаснењето е повреден еден пожарникар, кој вдишал јаглероден монооксид и бил пренесен во болницата во Струмица каде по укажаната помош е пуштен на домашно лекување.