Град Скопје соопшти дека целосно се исцрпени средствата предвидени за субвенции за купување велосипед, а до крајот на денешниот ден се пристигнати 3131 барања.
Оттука, сите пристигнати барања на граѓаните до архивата на Град Скопје од утре нема да бидат примени.
Со Јавниот повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди за 2018 годинa, граѓаните имаа можност да набават велосипеди, а Градот Скопје да ги субвенционира во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За оваа намена во Буџетот на Град Скопје за 2018 година беа предвидени 9 милиони денари.
Пари има останато од вториот дел од јавниот повик, наменет за субвенции за адаптирани велосипеди за лица со телесна инвалидност. Со ова, Градот субвенционира 50% од вредноста на адаптираниот велосипед за лица со телесна инвалидност, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. За оваа намена од Буџетот на Град Скопје се предвидени еден милион денари и овој дел од повикот ќе биде активен се до исцрпување на средствата или до крајот на рокот на важење (31.08.2018 година).
Јавниот повик се реализира по принципот „прв дојден, прв услужен“.