Се подобрува ли состојбата во училиштата во Македонија?

Иако во последниве две години целосно се реновираат или градат нови училишни згради во Македонија, сепак и натаму има училишта кои се без тоалети и вода, и кои целосно се распаѓаат, пишува Дојче Веле.

За училиштето велат дека е втор дом за учениците – топол и убав, но многу училишта во Македонија изградени пред неколку децении повеќе прилегаат на хорор зграда, наместо топол дом.

Пример за таква негрижа од надлежните со години е сто години старото училиште во Башино Село, на само неколку километри од Велес, а кое е подрачно училиште на централното основно училиште „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес. Училиштето се распаѓа, има руинирана фасада, а влага има насекаде во објектот. Фасадата пред неколку години е санирана, но само на предната страна. Од задната страна сликата е катастрофална, а најголемиот проблем во објектот е што нема тоалет. Тој се наоѓа надвор од него. Училиштето е со слаба електрична инсталација, поради што владините компјутери, наместо во употреба, стојат заклучени во една од училниците.

Еден од 45-те ученици, колку што минатата година учеле во ова училиште, кое е од прво до петто одделение, за ДВ разочарано вели:

„Кога врне ни капе од дотраениот покрив, а и не’ ни даваат да работиме на компјутерите кои ни стојат заклучени поради, како што ни појаснуваат наставниците, слабата електрична инсталација. Но, најлошо е што немаме тоалет во објектот, туку мораме да одиме надвор од него“.

Револтирани се и родителите на учениците.

„Моето дете учеше таму. На родителските средби често прокиснуваше таванот. Училиштето се реновираше пред неколку години, но тоа беше само шминка на дел од фасадата, а условите за настава останаа исти. Затоа бараме итно да се реновира, а многу од родителите веќе се закануваат дека ќе ги отпишат децата и ќе ги запишат во велешките училишта“, нагласува родителката Донка Минова.

Градоначалникот на Општина Велес Славчо Чадиев, за разлика од родителите и децата, гледа поинаку на состојбите во ова училиште.

„Таму не е толку алармантна ситуацијата, а скоро пред неколку години училиштето е реновирано. Иако има некои мали проблеми, ние ќе ги отстраниме“, изјави Чадиев.

Целиот текст прочитајте го на веб-страницата на Дојче Веле.