Под мотото „Крајно време е за наука“, Независниот академски синдикат денеска го одржа својот втор конгрес, четири години по основачкиот конгрес.
Делегатите на Конгресот избраа ново раководство. За претседател е избрана д-р Елена Џукеска, а беа исто така избрани и нови членови на Советот, Надзорниот одбор и Статутарната комисија. За време на конгресот беа усвоени промени и дополнувања на Статутот на НАкС, а утврдени биле и програмските активности.
Свое обраќање имаа гости од други синдикати и Универзитетското студентско собрание при УКИМ. Во име на Синдикатот на образованието, науката и културата, професорот Тошо Арсов се заблагодари на соработката со НАкС, при што потенцираше дека иако се два независни синдикати, во клучните моменти тие настапуваат заедно во одбрана на интересите на академската заедница.
Претседателот на Независниот синдикат на образованието и науката, м-р Томислав Гиевски се заблагодари на досегашната соработка со претставниците на НАкС, кои помогнале со совети и создале пријателство со НСОН. Тој потенцираше дека НСОН има подадено рака за зголемена соработка меѓу синдикатите и се надева дека синдикатите во иднина ќе се здружат во поголема организација, како што е пример во други земји од регионот.
Претседателот на УСС при УКИМ, Борјан Ефтимов, изрази поддршка до НАкС за понатамошно успешно застапување на правата на образовниот и административниот кадар на универзитетите. Воедно, Ефтимов изрази надеж дека по справувањето со пандемијата, УСС и НАкС ќе ги засилат активностите за подобрување на условите на универзитетите и засилување на инвестициите во образованието и науката.
Порака испрати и претседателот на Независниот синдикат на науката и високото образование од Хрватска, професорот Петар Перван, кој изрази поддршка на НАкС во напорите за усвојување на Колективен договор.
Професорката Елена Џукеска, претседателката на синдикатот, се заблагодари на поддршката од партнерите на НАкС во Македонија, но и во регионот, при што потенцираше дека има активна соработка и со синдикати од Хрватска, Словенија и Србија.