Се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на ропството

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на ропството и прекуокеанското одведување на робови, кој беше прогласен од Обединетите нации во 2008 година.

Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на ропството

На овој датум, организации и поединците ширум светот им оддаваат почит на милиони Африканци, кои на сила ги напуштиле своите земји и биле одведени во ропство, но потсетуваат и на современите форми на ропство.

Ропството со векови беше општествено сосема прифатлива работа. Робовите претставувале стока во нечија сопственост и немале право да одлучуваат за својата судбина. Со појавата на колонизацијата ситуацијата со ропството се влошува, а во 15. и 16. век големите европски корпорации масовно тргуваат со робови, бидејќи им била потребна работна сила на плантажите во САД и Африка. Робовите од Африка секојдневно биле префрлувани на плантажите, каде работеле во најсурови услови и мошне брзо умирале од болест и исцрпеност.

Робовите вообичаено биле припадници на заробените народи, а економскиот императив односно сфаќањето дека работата на робовите е поевтина од најмувањето работници бил клучен аргумент против настојувањата за укинување на ропството.

На тие настојувања клучен поттик им дала индустриската револуција во западните земји, односно развојот на технологијата, која работата на робовите ја направи неефикасна и скапа. Дури од 19. век зајакнуваат движењата, кои успеваат законски да го забранат ропството во речиси сите западни земји, а во 20. век и во сите денешни држави.

Голем пресврт се случи во 1883 година кога во Британската империја официјално е забрането ропството, што беше сигнал и за останатите земји во светот. Обединетите нации во 1948 година ја усвоија Декларацијата за човековите права, со која се забранува ропството и трговијата со робови.

За жал иако официјално е забрането, ропството никогаш целосно не е укинато. Се смета дека денес милиони луѓе живеат во состојба на ропство без слобода на движење. Тоа се претежно девојките и жените жртви на трговијата со луѓе, лицата кои служат како нечии домашни робови. Во некои земји, како Мавританија, ропството се уште неофицијално постои. Таму околу 20 проценти од населението живеат како робови.

Според податоците на ОН 700 илјади жени, деца и мажи секоја година стануваат жртви на трговија со луѓе, а заработувачката остварена со трговија со луѓе се проценува на седум до 60 милијарди долари годишно.