Советникот на британскиот премиер Борис Џонсон објави оглас во кој за различни позиции во владата се бараат „супер-талентирани чудаци“ и креативци без факултет, пренесува „Н1“, а јавува „АП“.
Доминик Камингс, советникот на Џонсон, кој придонесе во создавањето на многу од неговите политики, на својот блог напиша дека е потребна промена, поради „некои длабоки проблеми во средиштето на процесот на носење одлуки во британската држава“.
„Потребни ни се вистински ‘џокери’, креативци, луѓе кои никогаш не студирале, ами сами го пронашле патот од ужасната дупка, чудаци. Ако сакаме да сфатиме, што личности како Путин можат да направат, или како меѓународните криминални банди можат да ги искористат безбедносните дупки на нашите граници, за тоа не се потребни дипломци од Оксфорд и Кембриџ“, наведе Камингс.
Камингс беше и менаџер на кампањата за Брегзит, а неговата стратегија, претходно, му донесе убедлива победа на Џонсон, на предвремените парламентарни избори на 12 декември.
Фото: Ројтерс/ Хана Меккеј