Сашко Николов со најмногу гласови за градоначалник на Штип, а Алија Јаоски за Пласница

Откако Државната изборна комисија (ДИК) преброи 100% од гласачките ливчиња, Сашко Николов од СДСМ со 80,31% од гласовите ќе биде градоначалник на општина Штип, а Алија Јаоски од ДУИ со 85,92% гласови на Пласница.

ДИК објави дека излезноста на вчерашните предвремени локални избори за градоначалник во Штип изнесува 34,78%, односно гласале 14.528 граѓани. Во Пласница, пак, излезеноста е 39,85% – гласале 1.974 гласачи.

И во двете општини е постигнат потребниот цензус над 33,33% (една третина) на регистрирани гласачи.

Поради бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ, токму изборите во Штип беа политичка битка на владејачката СДСМ за обезбедување на неопходната излезност. ВМРО-ДПМНЕ немаше кандидат и бараше изборите да бидат одложени, повикувајќи се на состојбата со Ковид-19.

Во Штип, кандидатот на Интегра, Симон Поликарп има освоено 1.198 или 8,25% гласови, Лазар Наумов од ТМРО – 284 гласа, Трајчо Митев – 283, а Гоце Анѓелов од коалицијата „Иднината во наши раце“ – 271 глас.

За Пласница, кандидатот Рамазан Шерифовски од Движењето за национално единство на Турците освои 231 глас, или 11,70%.

Предвремените избори во Штип дојдоа откако градоначалникот на Благој Бочварски ја презема министерската функција во Министерството за транспорт и врски, додека Пласница гласаше затоа што претходниот градоначалник Исмаил Јахоски стана пратеник во Собранието.

Новите градоначалници ќе имаат мандат од девет месеци, се’ до редовните Локални избори во 2021 година.