„Сакаме избори!“: Студентите во блокада го објавија планот за протест утре во Белград

Студентите во блокада ги објавија деталите за протестот „Сакаме избори!“, кој е закажан за петок, 30 мај, во центарот на Белград, пренесува Н1.

Почетокот на протестот е закажан за 16:30 часот пред поранешната железничка станица на плоштадот Сава, а протестниот марш ќе се движи по улицата „Немања“ до плоштадот Славија, а потоа по улиците „Краљ Милан“ и „Кнез Милош“ до зградата на Владата на Србија.

За викендот е закажан уште еден протест со барање за распишување предвремени избори. Студентите на Правниот факултет во блокада ги повикаа граѓаните да излезат на улица во недела, 1 јуни.

Инаку, по две недели, вчера заврши блокадата на судот и обвинителството во Нови Сад откако преостанатите тројца активисти кои беа обвинети за наводен обид за рушење на уставниот поредок беа ставени во домашен притвор.

Исто така, матурантите и некои професори од Средното туристичко-угостителско училиште во Крагуевац велат дека сè уште се под голем притисок од директорот на училиштето. Како што додаваат, тој покренал образовни и дисциплински постапки против неколку матуранти и се заканува дека ќе го отпушти наставникот по српски јазик. Во сабота, пак, во Шабац ќе се одржи студентски протест. Традиционално, ученици и студенти пешачат до градот по Сава од неколку правци.