Сѐ уште нема ефикасни програми за спречување и брза интервенција во случаи на предозирање

Секоја година околу 200.000 луѓе во светот се жртви на предозирање. Во Македонија, само на Универзитетската клиника за токсикологија во Скопје во периодот од јануари 2016 до јуни 2018 година се забележани 82 случаи на предозирање, од кои 11 жени и еден адолесцент. 36 од случаите се резултат на предозирање со хероин, а 46 со метадон.

Реалната бројка со сигурност е многу поголема бидејќи во Македонија тие не се евидентираат соодветно, поради што и сѐ уште немаме ефикасни програми за спречување и брза интервенција во случаите на предозирање.

„Во нашата држава, за жал, политиките и практиките поврзани со употребата на дроги продолжуваат да се базираат на идеолошки убедувања кои резултираат со дискриминација, наместо на научни факти и вреднување на секој човечки живот“, велат од ХОПС – Опции за здрав живот.

Надлежните институции да воспостават ефикасен систем за евидентирање на случаите на предозирање. Тоа ќе овозможи соодветно планирање на идни интервенции и следење на нивната успешност, сметаат од ХОПС.

Тие заедно со Универзитетската клиника за токсикологија започнаа кампања по повод Меѓународниот ден за подигнување на свеста против предозирање со дроги. Заедно апелираат службите за итна медицинска помош, дежурните медицински служби и Ургентните центри да одржуваат соодветни резерви на Налоксон и да го користат и при најмал сомнеж за предозирање со опијати.

„Налоксонот е евтин и безбеден лек чија навремена употреба може да биде животоспасувачка. Секоја екипа мора да биде обучена за препознавање и правилно постапување во случаи на предозирање со опијати или други дроги.

Министерството за здравство, во соработка со јавните и приватните установи за лекување на зависности и граѓанските организации, да изнајде начин Налоксонот да стане достапен во заедниците кои употребуваат опијатни дроги.

Фармацевтските компании кои произведуваат Налоксон и нивните законски застапници да го регистрираат лекот, а Министерството за здравство да дозволи слободен промет на истиот без рецепт. На овој начин Налоксонот ќе стане достапен во аптеките низ Македонија, слично на праксата во многу други земји“, велат од здружението и од универзитетската клиника.

Покрај ова, тие апелираат од Министерството за правда да изнајде решение за прекинување на праксата на отпуштање на затвореници без соодветна документација, која е сѐ поприсутна во изминативе години.

„Ваквата пракса ги оневозможува лицата кои издржувале затворска казна да продолжат со лекувањето на зависноста веднаш по излегувањето на слобода, што ги става во особен ризик од предозирање.

Клубовите и сите организатори на музички или други масовни настани да воспостават мерки за заштита на здравјето и животот на посетителите. Ова, меѓу другото, подразбира и осигурување на непречен пристап на итна медицинска помош до подиумите, бесплатна вода на настаните, како и присуство на обучени тимови за намалување на штети на секој настан.

Граѓанските организации кои спроведуваат програми за намалување на штети и здравствените установи за лекување на зависности да ги унапредат напорите за едуцирање на заедниците за спречување, препознавање и постапување во случаи на предозирање“, апелираат тие.

Од ХОПС ги советуваат луѓето кои имаат намера да користат било каква дрога треба да имаат предвид дека секоја употреба на дроги може да биде штетна. Затоа, пред употребата, треба да се информираат за начинот на дејство, можните последици, како и начините за намалување на штетите.

„Сите граѓани, во случај на сомнение за предозирање со дроги во нивната околина веднаш да укажат прва помош и да повикаат итна медицинска помош“, потсетуваат тие.