Регион во Русија на еден ден ги забрани абортусите откако локалните религиозни предводници побараа одбележување на библиската приказна „Масакрот на невините“.
Епархијата на Руската православна црква во градот Јарославл го прогласи вчерашниот ден, 11-ти јануари, како ден „без абортуси“, додавајќи дека за тоа добила поддршка од регионалните здравствени служби. Абортусот во Русија е легален и трошоците се покриени од државата.
„Настанот е посветен на децата од Витлеем убиени од Кралот Херод, кој сакал да го убие новородениот Исус. На овој ден е забрането да се извршуваат абортуси во сите медицински установи во регионот Јарославл“, се вели во соопштение на сајтот на епархијата, додека се додава дека надлежните и црквата сака и приватните клиники да го следат ова решение.
Официјално соопштение од здравствените служби на Јарославл немало, јавува ББЦ, но од една локална болница за новински вебсајт изјавиле дека примиле писмо од регионалните власти кои ја потврдуваат забраната за абортус.
Информациите покренаа дебата на социјалните мрежи, во која многу корисници се збунети од влијанието на црквата. „Зошто црквата интервенира во животите на секуларно општество?“, прашува еден твитер корисник, додека друг мисли дека ова би било „добар судски спор – зошто услугите гарантирани со здравственото осигурување не се извршуваат“. Но, за еден корисник на фејсбук оваа ситуација отсликува поголема промена: „Се повеќе се враќаме кон Средниот Век“.
Во септември, поглаварот на Руската православна црква потпиша барање за државна забрана на абортусот, поттикнувајќи жестока јавна дебата. Патријархот Кирил, подоцна призна дека целосна забрана би била невозможна, но дека би било можно да се исклучи покривањето на абортусот од државното здравствено осигурување.