Рускиот суд денеска донесе пресуда дека компанија во сопственост на рударскиот гигант „Норникел“ мора да плати казна од 146 милијарди рубљи или приближно 1.95 милијарди американски долари за еколошка штета која е предизвикана со излевање на гориво во рускиот дел на Арктикот во мај минатата година, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Судската постапка беше иницирана од руската служба за надзор на заштитата на животната средина, која од компанијата побара 148 милијарди рубљи за штетата, а проценката на компанијата беше далеку помала и изнесуваше 21.4 милијарди рубљи.
Компанијата на 29 мај минатата година испушти 21.000 тони дизел во реките и на копното во близина на градот Норилск во Сибир, каде што е нејзината централа.
Организацијата „Гринпис“ го спореди ваквиот инцидент со излевањето на нафта од танкерот „Валдез“ на компанијата „Ексон“ во 1989 година на Алјаска.
Аналитичарите кои ја следат оваа област сметаат дека висината на овој судски надоместок, досега е незабележана во Русија за ваква штета врз животната средина, и дека ова би можело да испрати силна порака до индустријата дека недоволното вложување во одржувањето е неприфатливо.