Десетици рудари навлегоа во домородно село во бразилскиот дел на Амазон и презедоа контрола врз местото, откако локалното население избегало во страв, а локалниот водич бил избоден до смрт. Властите тврдат дека полицијата го истражува случајот.
Нелегалниот ископ на злато е во епидемски размери во Амазон. Околу 50-тина рудари го запоседнале местото Ваиши во државата Амапа, кое се простира на 600.000 хектари.
Мажите биле забележани неколку дена по убиството на водичот на заедницата, Емира Ваиапи, чие тело било пронајдено во близина на селото Марири, во средата.
Домородните луѓе од Марири побегнале во поголемото село Арамира. Домородните водичи и локалните политичари повикаа на итна полициска помош.
„Рударите го нападнаа домородното село, и се до ден денес се таму. Силно се вооружени, имаат митралези. Затоа бараме помош од федералната полиција. Ако ништо не се преземе, тие ќе почнат да се борат“, вели 26 годишниот Курени Ваиапи, кој е дел од тамошното племе.
„Имаме многу тензична ситуација“, вели Бет Пелаес, градоначалник на Педра Бранка, кој вели дека племето многу се придржува до традиција и дозволува само овластени посетители.
Кризата беше откриена во саботата од страна на сенаторот Рандолф Родригес, кој добил аудио пораки од Јаварува Ваиапи, локален советник и водич, во кои се бара помош од полицијата и армијата.
Бразилскиот пејач Каетано Велосо беше дел од оние кои го споделија апелот на племето.
„Ги повикувам властите на Бразил да помогнат, во име на достоинството на Бразил пред светот, чујте го овој плач“, вели Велосо во видео, снимено во Мексико Сити, каде моментално се наоѓа на турнеја.
Курени Ваиапи вели дека екстремно десничарскиот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро ги охрабрил ваквите инвазии.
„Тоа е затоа што тој, претседателот, им се заканува на домородните луѓе во Бразил“.