РСБСП: Бидете подготвени за возење на високи температури

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата – РСБСП издаде упатства за безбедно возење во летни услови, кога патувањата стануваат се потешки и бараат многу повеќе внимание, концентрација и фокусираност.

„Возењето во летни услови носи многу предизвици. Обврска на возачите е да бидат максимално подготвени, одморени и концентрирани  за патување, да се прилагодат на условите на патот и да ја провераат техничката исправност на возилото“, укажуваат од РСБСП.

Високите температури негативно влијаат на способноста за управување на моторно возило и придонесуваат за појава на замор, дефокусираност и пад на концентрацијата кај возачите.  Согласно тоа, треба да се избегнува патувањето во период од денот кога температурите се највисоки.

„Патувајте во раните утрински или во раните вечерни ( доцни попладневни) часови. Внимавајте на температурата  во возилот односно внимавајте на температурните разлики и правете постепена адаптација и аклиматизација при влегување или излегување од возилото. Планирајте го вашето патување на време и  патувајте наспиени и одморени. Избегнувајте да патувате во часовите предвидени за спиење. Ниту еден кофеински или енергетски производ не може да го замени добриот сон пред тргнување на пат. Консумирајте повеќе течности (особено вода) и правете минимум 15 минути пауза на секои два до три часа активно возење“, стои во препораките.

Високите температури влијаат и на условите на патот.

„Намалете ја брзината и држете безбедно растојание затоа што во услови на високи дневни температури поради намаленото триење на пневматиците и коловозната површина, сопирачкиот пат на возилото е подолг“, укажуваат од РСБСП.

Високите температури исто така влијаат и на техничката исправност на возилото, а безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото.