Розите за чистење на велешката почва ги скараа екологистите и комуналците

Велешките екологисти се лути што јавното комунално претпријатие „Дервен“ од Велес ги откорнало неколкуте илјади рози, кои пред три години Еколошкото друштво „Вила Зора“ ги обезбеди, за да ја исчистат загадената велешка почва од тридецениското загадување од топилницата, објави НоваТв. Во пресрет на пролетната акција „Македонија земја на цвеќето, Македонија земја на розите“, тие велат дека е лицемерно да се купуваат нови цвеќиња, додека старите да гнијат по магацини.

Розите ги скараа велешките екологисти и комуналци

„Пред три години обезбедивме околу седум илјади рози, од кои, најголем дел беа засадени во градскиот и во младинскиот парк. Не помина долго време, комуналното претпријатие ги откорна, со ветување дека откако ќе ги реконструира парковите, ќе ги врати и розите. Но, тоа не се случи. Деновиве градоначалникот не повика како Зелена коалиција да учествуваме во пролетната акција за засадување рози. Еколошкото друштво „Вила Зора“ секогаш учествува и поддржува еколошки акции кои се насочени кон заштита и унапредување на животната средина. Но, основното прашање кое го поставивме на средбата со градоначалникот беше дали и новите рози ќе ја доживеат судбината на старите. Ако немаше интерес да се зачуваат околу седум илјади рози, како да веруваме дека повторно нема да бидат отстранети од јавните површини и оние рози кои сега ќе се засадат“, рече Ненад Коциќ, претседател на Е.Д. „Вила Зора“.

Општина Велес деновиве почна да ја реализира пролетната акција „Македонија земја на розите“ со засадување на 2 500 рози. За проблемот со „Вила Зора“ од општината велат дека дека седумте илјади рози пред три години биле засадени како дел од проектот на „Вила Зора“ и ЈКП „Дервен“ и дека тие немаат никаква врска со отстранувањето на цвеќињата.

„Констатирме само дека жалиме што се случи такво нешто. Не би сакала да зборувам за причините, бидејќи не бевме партнерски вклучени во проектот. Што се случило со розите, каде се, зошто е така направено, одговорите треба да ги барате кај директните учесници“, рече Билјана Шуркова Манаскова, општински инспектор за животна средина.

Од ЈКП „Дервен“ потврдуваат дека розите ги дислоцирале за да ги реконструираат парковите, но вината во уништувањето на дел од цвеќињата ја префрлија на граѓаните и временските услови.

Извор: НоваТВ