Родителите на жртвите од Кочани тврдат дека Мицкоски им рекол да си „одредат цена за нивните деца“, од Влада негираат

„Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“. Родителите на починатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани тврдат дека премиерот Христијан Мицкоски им се обратил токму со овие зборови на состанокот кој се одржал на 7 јули по повод барањата кои ги поднеле до државниот врв. Тие преку Здружение на граѓани „16ти март 2025 Кочани“ во текот на вчерашниот ден на својот Фејсбук профил објавија дека на средба со премиерот од него добиле одговор кој ги понижил и длабоко ги навредил како родители и како луѓе. Од Владата, пак, денеска излегоа со соопштение во кое тврдат дека овие наводи не се точни.

„Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот? Кога ќе можете да го процените тоа, тогаш дојдете и кажете ни ја цената за нашите деца. Нашите деца се херои. Со своите животи, оставија печат врз оваа држава. И ако вие не знаете да ја водите оваа држава, ако не знаете да обезбедите правда и покрај сите докази што ви се ставени на маса, тогаш отстапете го вашето место на некој што знае, што умее, што има совест и храброст. Ние не се плашиме. Иако сме под огромен стрес и со скршени срца, нашиот разум и нашата борба не престануваат“, истакнуваат родителите во соопштението.

Владата ги негира овие овие наводи и тврди дека „во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотреба на трагичната судбина“.

„Владата е тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења. Ова писмо од родителите и роднините е потсетник дека мора да се решаваат проблемите и да се демонстрира волја и одлучност да се помогне уште повеќе и уште подецидно. Владата жали за впечатокот кој некои го добиле, но тие средби досега не се ни први, а ни последни и апелираме да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство. Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме“, пишува во владиното соопштение.

Инаку, родителите на 1 јули испратиле истоветно писмо со барања по пошта до премиерот Христијан Мицковски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието Африм Гаши. Тие добиле одговор единствено од кабинетот на премиерот, за што се случила средбата на 7 јули.

Во прилог ги пренесуваме барањата на Здружението „16ти март 2025 Кочани“ во целост, преку фотографии:

Фото: Здружение на Граѓани 16ти Март 2025 Кочани