„Rock N` Beat“ – книга со интервјуа што зборуваат за рокенрол музиката

Петок е, пладне, работен ден, надвор „пука“ летното јулско сонце, а на платото пред „До-Ре-Ми“ до скопско МКЦ насобрана голема група луѓе за промоција на книгата „Rock N` Beat“ на музичкиот новинар Михајло Грбевски-Мишко.

Грбевски скоро две децении правеше и собираше интервјуа со музичари и бендови додека работеше по македонски медиуми, а сега дојде време тој труд да го претвори во рокенрол четиво од 230 страници. Валоризацијата на трудот дојде и во вид на редица луѓе што бараа посвета од купената книга, додека во позадина Јаков Дренковски свиреше на гитара. Пријатели, музичари, уметници, соработници, новинари. Сите беа тука.

Промоторот на книгата, Тони Димков, кој веќе 30-ина години е новинар од областа на културата, кажа дека го чувствува жарот, страста на Грбевски за тоа што денеска го промовира.

„Но, објавата на книгата значи и нешто повеќе, бидејќи направив неколку книги од овој тип. Мојата мисла беше дека, сепак, треба да оставиме нешто позади себе. Бидејќи во текот на нашата работа оставаме стотици, некогаш и илјадници текстови. Како што се менуваат времињата, многу малку од тие текстови може да си пронајдеме во архивите и, практично, ова што Мишко го прави со неговата книга, е обид за трајно архивирање на еден мал дел од неговиот професионален живот“, посочи Димков.

Некогашниот колега на Грбевски се надева дека ова не е затворена приказна. Дека ќе има напор за уште некоја книга, бидејќи, како што рече, во време на дигитализација сите печатени медиуми и класичниот книжевен израз полека одат во втор план.

„Меѓутоа, малкумина знаат дека тоа што ќе го ставиме на интернет, или Фејсбук, или било која социјална мрежа има многу пократок рок од она што го правиме со печатените медиуми. Затоа е добро што Мишко успеа да ги издржи сите перипетии со издавањето на книгата и денеска да бидеме сведоци на едно фантастично издание“, нагласи Димков.

Ненад Георгиевски, музички новинар и промотор на „Rock N` Beat“, рече дека најубаво е чувството кога ќе се објави некоја книга, во случајов – дебитантска книга.

„Потребни се неколку години за да се напише една таква книга, за да се релизира, после неколку години за да се накани човек да аплицира, па да дојде фаза на печатење, за потоа да се ‘преживее’ и издавачот“, истакна Георгиевски.

Според Георгиевски, добриот новинар го познавате по прашањата што ги поставува. Како резултат на тоа, вели тој, сите тие интервјуа нудат многу интересни содржини.

„На вам и нам ни прават сите тие личности, музики, културолошки движења да ни бидат поблиски и поразбирливи, со цел да ги разбереме времињата во кои живееме. Ова има и архивска намена, служи и како лична карта, меѓутоа ова е и еден вид презентација на сѐ она што на културен план се случувало во државава, па и регионот. Секоја книга, барем за мене, е мистерија. Таа мистерија може да биде решена со тоа што ќе ја прочитате од почеток до крај“, рече Георгиевски.

На ова се надоврза самиот автор Михајло Грбевски-Мишко. Планот за книгата не бил само за да постои како формат – книга, туку „Rock N` Beat“ да биде собирно место за интервјуата што ги работел.

„Тоа да остане како наследство за некои нови генерации, кои во ова време тешко и ретко може да сретнат интервјуа со музичари. Имаме интервјуа со политичари, со разни сектори, но кога станува збор за музичари, сѐ помалце може да прочитаме“, посочи Грбевски.

Објасни, интервјуата најмногу опфаќаат рок музика. Тука се музичари од светската, балканската и македонската сцена, поделени во четири поглавја: „Рок-пролет“, „Вечен Бунтовник“, „Валкан Балкан“ и „Звукот на подземјето“.

„Пример, Џони Ротен од ‘Sex Pistols’, ‘ZZ Top’, ‘Лајбах’ од балканската сцена, од македонската сцена има од Армен Сурмејан, преку Влатко Стефаноски, Горазд Чаповски, ‘Суперхикс’, ‘Културно уметнички работници’, ‘Далтонс’, ‘Паркети’ и многу многу други. Но, има и од тематика што помалку ми лежи, но сепак ја чувстувам блиска – електронската музика. Секако, тука е и џезот како еден од најпримамливите правци“, наброја Грбевски.

Кога ќе се прочитаат сите овие работи, дополни тој, ќе се сфатат размислувањата на самите музичари.

„Размислувањето за создавањето на нивните авторски дела, општеството, различни работи. Воопшто различни размислувања од музичари од различни генерации. Секоја генерација носи свои ставови, затоа мислам дека ќе биде добра книга за сите што сакаат да прочитаат и научат општо за рокенрол музиката. Се надевам дека во иднина нема да запрам тука, мислам дека имам уште 3-4 пати повеќе музички интервјуа. Не само тоа, имам и музички рецензии, од концерти, па очекувам во наредниот период од година-две-три да имам уште изданија добредојдени за публиката и за музичарите“, констатираше Грбевски.

Бојан Шашевски