Ризик од глад со „библиски пропорции“ низ светот поради коронавирусот, предупредува ОН

Обединетите Нации (ОН) предупредуваат дека постои ризик за широко распространет глад предизвикан од пандемијата со коронавирусот. Според нивниот извештај, бројот на лица кои се соочуваат со глад ќе порасне од 135 на 250 милиони.

Шефот на Програмата за храна (ВФП), Дејвид Бисли, вели дека за да се избегне катастрофата потребни се итни мерки.

Во најголем ризик се жителите на 10 држави зафатени со конфликт, економска криза и климатски промени, посочуваат од ВФП. Потенцирани се: Јемен, Демократската Република Конго, Авганистан, Венецуела, Етиопија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Нигерија и Хаити.

Во Јужен Судан 61% од населението минатата година била зафатена со криза со храна, додека дури и пред пандемијата, делови од Источна Африка и Јужна Азија се соочувале со огромни недостатоци на храна предизвикани од суша и една од најлошите инвазии на пустински скакулци последнава деценија.

„Можеме да се соочиме со глад од библиски пропорции во следните неколку месеци. Треба да се каже дека времето не е на наша страна. Верувам дека со нашата експертиза и партнерствата ќе можеме да мобилизираме тимови и програми неопходни да се осигураме дека пандемијата со Ковид-19 нема да стане и човечка катастрофа и катастрофа на криза со храна“, изјавил Бисли обраќајќи се пред Советот за безбедност на ОН.