Ристовски: Реконструкција на студентските домови во 2014 година

Министерството за образование и наука планира реконструкција на дел од студентските домови во 2014 година, најави денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.

Ристовски: Реконструкција на студентските домови во 2014 година

Според него, министерството веќе имало план за реконструкција за следната година а дел од овој план е и санација на домот „Гоце Делчев“, каде што вчера околу четири утрото во блок В на приземјето избувна пожар и причини материјална штета.

„Станува збор за обид за подметнување на пожар. Благодарение на правовремената реакција на Противпожарната служба, како и на самите студенти и Управата на Студентскиот дом, причинета е незначителна материјална штета. Не се оштетени соби на студенти, туку е зафатен дел од ходникот. Студентскиот центар набрзо ќе ја санира штетата“, рече Ристовски.

Според податоците од Управата на Студентскиот центар, подметнувачот бил под дејство на алкохол и фрлил запаллива материја зашто управникот на блокот не му дозволил да влезе без да се легитимира. МВР го истражува случајот и ќе поднесе соодветна пријава против сторителот.

Најави за реконструкција на студентските домови имаше и премиерот Никола Груевски при претходниот пожар кој се случи во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

„Реконструкцијата на тој блок ќе почне наскоро и во текот на летото ќе заврши. Од септември студентите ќе може да се вселат во реконструиран блок, токму онаму каде што беше опожарувањето на една или неколку простории“, изјави Груевски во април годинава.