Граѓани бараат од нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“ да објави целосна листа на летовите кои планира да ги откаже во следните шест недели, откако настана грешка поради годишните одмори на пилотите.
Компанијата соопшти во саботата дека ќе откажува 40-50 летови секојдневно до 20 септември, откако „ги помешале“ плановите за одмори на пилотите.
Сепак, авиокомпанијата досега објави листа на летови што ќе бидат откажани до средата.
Групата за правата на потрошувачите „Кој?“ („Which?“) рече дека на патниците им се потребни повеќе информации.
„Од суштинско значење е Рајанер да објави целосна листа со летови кои ќе бидат погодени, за патниците да имаат доволно време да направат алтернативни аранжмани“.
Од откажувањата најверојатно ќе бидат погодени до 400 000 патници, на кои ќе им бидат понудени алтернативни летови или враќање на парите.
Спроед дел од медиумите, проблемот со регрутирање влијае на компанијата и дека голем дел од пилотите се префрлиле во „Норвежиан ер“.
Портпаролот на оваа компанија изјави:„Ние можеме да потврдиме дека 140 пилоти ни се приклучија од Рајанер оваа година. Регрутирањето на пилоти се одвива се уште за нашата нова база во Дубаи која ќе се отвори до крајот на годината“.
Од Рајанер се уште немаат одговорено на барањата на потрошувачите.
Потрошувачите се револтирани поради откажувањето и својот гнев го прикажаа на социјалните мрежи, барајќи да биде објавена целосна листа на откажаните летови.
Карен Хигинс напиша на Твитер: „Уште еден ден поминат во постојано проверување за да видам дали летовите се безбедни или откажани! Ајде Рајанер, помогнете ни! Дајте ни нови информации!“.
Ди Молонеј се надоврзува:„Имам две патувања закажани за наредните неколку недели. Возбудата за патувањето сега е помешано со грижа! Повеќе нема да летам со Рајанер“.
Маркетинг шефот на компанијата, Кени Џејкобс рече дека погодените клиенти кои закажале билети до 20 септември се веќе информирани.
„Ние ќе откажуваме од 40 до 50 летови дневно во наредните шест недели, помалку од 2 отсто од нашиот распоред, со малку поголем број на почетокот, откако почнавме да ги спроведуваме овие откажувања“, изјави тој.
„Летовите се спроведуваат според закажаното освен ако на емејл не пристигне информација за откажување“, објасни тој.
Авиокомпанијата ќе продолжи редовно да испраќа нови информации на својата веб-страница.
Акциите на „Рајанер“, пак, паднаа за 3 отсто денеска.
Какви права имаат патниците?
Правилата за компензација на Европската Унија за откажани летови се следните:
Патниците имаат право на помош и компензација ако прекинот е во контрола на авиокомпанијата.
Авиокомпаниите треба да понудат целосно враќање на парите, платени во рок од седум дена, или повторно да закажат лет откажан на краток рок.
Покрај тоа, патниците, исто така, можат да бараат надомест на штета.
Износите за откажување се: 250 евра за кратки дестинации, 440 евра за средни дестинации и 600 евра за долги релации.
Патниците кои доцнат до својата дестинација повеќе од три часа може да бидат надоместени од 200 до 600 евра, во зависност од должината на летовите и одложувањето.